Американскиот претседател Доналд Трамп повторно се закани дека трајно ќе го прекине финансисрањето на Светска здравствена органзиација, ако во следните 30 дена СЗО не постигне одредени подобрувања.
– Ако СЗО во следните 30 дена значително не се подобри, привремениот прекин на американското финансирање ќе го прогласам за трајно и ќе го разгледам нашето членство – наведува Трамп во писмото испратено до генералниот директор на СЗО, Тедрос Адханом Гебреисус.
Во писмото објавено на Твитер, Трамп наведува дека не може да дозволи „американските граѓани да плаќаат данок и да продолжат да финансираат организација, која во сегашниот облик толку очигледно не им служи на американските интереси“.
Во писмото се истакнува дека Гебреисус и СЗО ги повториле погрешните чекори во реагирање на пандемијата и оти Организацијата мора да докаже целосна независност кон Кина.
– Mојата администрација веќе почна разговори со Вас за тоа како да се реформира Oрганизацијата. Но, потребно е брзо да се преземе акција. Нема време за губење – предупредува Трамп во писмото.
Тој ја обвинува СЗО дека е „кинеска марионета“ и оти лошо раководела со одговорот на пандемијата со новиот коронавирус.
СЗО вчера соопшти дека што е можно побрзо ќе почне независна процена на преземените мерки во борбата против пандемијата со ковид-19.
Трамп во април привремено го суспендира финансирањето на СЗО обвинувајќи дека Организацијата ги поддржува кинеските дезинформации за избивање на епидемијата со ковид-19.