ТРАМП ОД ИЗРАЕЛ БАРА АМНЕСТИЈА ЗА „БИБИ“ Вели дека Нетанјаху направил многу за својата држава

Таков лов на вештерки кон човек што толку многу дал, за мене е незамисливо, пишува шефот на САД велејќи дека „САД го спасија Израел, а сега САД ќе го спасат „Биби“ Нетанјаху.

197

„Судењето на Биби Нетанјаху треба веднаш да биде поништено или да му се даде амнестија на овој голем херој, којшто направи толку многу за државата“.

Вака побара претседателот на САД, Доналд Трамп, на својата социјална мрежа Truth Social, користејќи го прекарот на израелскиот лидер, пишува Ал Џезира. Тој додаде дека дознал оти Нетанјаху треба да се појави на суд во понеделник.






„Таков лов на вештерки кон човек што толку многу дал, за мене е незамисливо“, додаде Трамп.

Судењето против Нетанјаху во Израел започна во 2020 година и се однесува на три случаи поврзани со обвинувања за мито, измама и злоупотреба на функцијата. Нетанјаху ги негира обвинувањата и се изјасни за невин.

Според израелските медиуми, вкрстеното испрашување на Нетанјаху започна на 3 јуни во судот во Тел Авив и се очекува да трае околу една година.

Претседателот на Израел, Исак Херцог, има уставна можност да додели амнестија, но, како што јавуваат медиумите, тој изјавил дека „во моментов тоа не е опција“, додавајќи дека „не е поднесено такво барање“.

Во истата објава, Трамп истакна:

„САД го спасија Израел, а сега САД ќе го спасат Биби Нетанјаху“.

Изјавата на Трамп доаѓа еден ден по неговата невообичаена јавна критика кон израелскиот лидер поради израелските напади врз Иран веднаш по постигнатото примирје.

Од друга страна, Нетанјаху, во средата, 25 јуни, прогласи „историска победа“ во војната со Иран, благодарејќи му на Трамп за кој рече дека ги вклучил САД во конфликтот „на невиден начин“.

Поврзани содржини