ТРАМП Ѝ ОБЈАВИ „ВОЈНА“ НА ЕВРОПА Америка воведе царини од 25 проценти на ЕУ-производи

Американскиот претседател Трамп го одржа првиот состанок на Кабинетот. Меѓу разговорите бил договорот со Украина, 25 отсто царините за ЕУ и новата политика за државјанство.

1,331

Претседателот на САД Доналд Трамп денеска во Вашингтон изјави дека Европската Унија е формирана за да ја „искористува“ Америка, најавувајќи воведување царини од 25 отсто за автомобили и „и други работи“.

– Европската Унија е создадена за да ја искористува САД, тоа е нејзината цел, и добро го направи тоа, изјави Трамп пред новинарите на својот прв состанок на Кабинетот во Белата куќа.






Тој зборуваше за своите планови да воведе високи царини за автомобили и други производи, обвинувајќи ја ЕУ за нефер трговски односи со САД. Според него, трговскиот суфицит на ЕУ во однос на САД е експлоататорски.

Трамп изјави дека веќе донел одлука за воведување царини и дека официјалната најава ќе следи „многу скоро“.

– Ќе биде 25 отсто, генерално гледано, и тоа ќе важи за автомобилите и други производи – рече тој, не прецизирајќи дали царините ќе важат само за европскиот увоз или за увозот низ целиот свет.

– ЕУ навистина нè искористува. Не прифаќаат наши автомобили, не прифаќаат речиси ништо од нашите земјоделски производи. Секогаш наоѓаат причини зошто не, а ние прифаќаме сè од нив – тврди американскиот претседател.

И покрај критиките кон ЕУ, Трамп додаде дека ги сака европските земји.

– Мислам, јас сум од таму… во некој момент одамна, индиректно… добро, и прилично директно, претпоставувам. Но, ги сакам европските земји – рече тој.

Мајката на Трамп е родена во Шкотска, додека неговиот дедо по таткова линија имигрирал од Германија.

Сепак, веднаш потоа двапати повтори дека ЕУ е формирана за да ги „зафркне“ САД.

На прашањето што ќе се случи доколку ЕУ воведе одмазднички царини, Трамп одговори: Не можат. Може да пробаат, но не можат.

– Може да пробаат, но бројките никогаш нема да бидат еднакви на нашите, бидејќи ние можеме да ги исклучиме од трговијата. Ние сме „златниот рудник“, ние сме тие што сите ги сакаат – изјави тој.

– Можат да воведат царини, но тоа нема да биде успешен одговор, затоа што ние едноставно ќе прекинеме да купуваме. Ако тоа се случи – ние победуваме, заклучи Трамп.

Инаку претседателот на САД Доналд Трамп денеска го одржа првиот состанок на својот втор Кабинет, на кој присуствуваше и технолошкиот милијардер Илон Маск, иако не е член на Кабинетот.

Трамп најави дека украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе ја посети САД в петок.

– Ќе потпишеме договор кој ќе биде многу важен – изјави Трамп, додавајќи дека договорот се однесува на ретки минерали.

Трамп го покани Маск да зборува прв, фалејќи го како „исклучително успешен човек“.

– Жртвува многу и добива многу пофалби, но и напади, што и се очекува. Така функционираат работите – рече Трамп.

Маск за приоритетите на DOGE

Маск во своето обраќање ги истакна приоритетите на DOGE (Оддел за владина ефикасност), признавајќи дека „ќе се прават грешки“.

– Нема да бидеме совршени, но кога ќе згрешиме, ќе ги исправиме грешките брзо – рече Маск.

Тој спомена дека DOGE „случајно“ накратко го прекинал финансирањето на програмата за превенција на ебола во рамки на УСАИД, но подоцна ја вратил.

Маск најави и ново известување од Канцеларијата за управување со персонал, во кое од вработените се бара да наведат пет постигнувања во последната недела. Претходно изјави дека оние кои нема да одговорат ќе бидат отпуштени, но подоцна беше разјаснето дека одговорот е на доброволна база.

– Сакаме да им дадеме на луѓето можност да испратат е-порака – додаде Маск.

Трамп: Ќе продолжат царините за Канада и Мексико

Трамп најави дека паузираните царини за Канада и Мексико ќе стапат во сила.

– Не ги запирам царините – изјави тој, наведувајќи дека фентанилот што преминува преку границата веќе нанел огромна штета.

Трамп додаде дека многу од овие царини ќе стапат во сила на 2 април.

Нов план за пат до државјанство преку инвестиции од 5 милиони долари

Трамп го промовираше својот план наречен „златна картичка“, според кој странски инвеститори би можеле да добијат пат до американско државјанство со вложување на пет милиони долари.

– За пет милиони долари, ќе добијат лиценца од Министерството за трговија, а потоа ќе направат соодветна инвестиција преку EB-5“ – објасни секретарот за трговија, Хауард Латник.

Трамп додаде дека луѓето кои можат да платат пет милиони долари „ќе создаваат работни места и ќе инвестираат многу пари“.

Според него, некои компании би можеле да ги купуваат овие картички за своите вработени.

– Ќе бидат успешни луѓе, или пак ќе бидат ангажирани директно од универзитети, слично како кога на спортист му се дава бонус – рече Трамп.

Трамп: Можно е мировниот договор меѓу Русија и Украина да не успее

Трамп изјави дека постои можност да не успее да постигне мировен договор меѓу Русија и Украина.

– Имате голема доверба во нас бидејќи претпоставувате дека ќе има мир. Но, можно е тоа да не се случи. Постојат ризици, но се надевам дека ќе успее – за доброто на човештвото – рече Трамп.

Трамп претходно тврдеше дека може да стави крај на војната за 24 часа.

Поврзани содржини