ТРАМП ОБЈАВИ ДЕКА ИЗРАЕЛ И ХАМАС ПОСТИГНАЛЕ ДОГОВОР Благословени да се миротворците, напиша претседателот на САД
Мировниот план на Трамп од 20 точки предвидува Израел да ги повлече своите сили во Газа до „иницијална линија на повлекување“ во замена за ослободување на заложниците, кои се држат во заробеништво повеќе од две години.
Израел и милитантната палестинска организација Хамас се договорија за првата фаза од мировниот план за Газа на американскиот претседател Доналд Трамп, објави Трамп на социјалната мрежа Truth Social.
– Ова значи дека сите заложници ќе бидат ослободени многу скоро, а Израел ќе ги повлече своите трупи до договорената линија како прв чекор кон силен, траен и вечен мир, напиша Трамп.
– Ова е голем ден за арапскиот и муслиманскиот свет, за Израел, сите соседни нации и за Соединетите Американски Држави. Им благодариме на посредниците од Катар, Египет и Турција, кои работеа со нас за да го направат овој историски и невиден настан возможен, додаде тој.
Според израелски извештаи, околу 48 заложници сè уште се држат во Појасот Газа, а 20 од нив се живи.
Неколку моменти по објавата на Трамп, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се огласи на X.
– Со Божја помош ќе ги вратиме сите дома, напиша тој.
Во втора објава додаде дека „ова е дипломатски успех и национална и морална победа за државата Израел.“
– Од самиот почеток јасно кажав: Нема да се одмориме додека сите наши заложници не се вратат и сите наши цели не бидат постигнати … Преку цврста решителност, силна воена акција и големите напори на нашиот голем пријател и сојузник, претседателот Трамп, стигнавме до оваа критична пресвртница, изјави Нетанјаху.
Хамас потврди дека постигнал договор „кој предвидува крај на војната во Газа, повлекување на окупациските сили, влез на хуманитарна помош и размена на затвореници“ се наведува во соопштението на организацијата.
– Ги цениме напорите на нашите посредници и браќа од Катар, Египет и Турција. Го цениме и ангажманот на претседателот на САД, Доналд Трамп, кој се стреми да донесе конечен крај на војната и целосно повлекување на окупацијата од Појасот Газа, стои во текстот.
Разговорите меѓу преговарачите од Израел и Хамас се одвиваат веќе неколку дена во египетското летувалиште Шарм ел-Шеик.
Мировниот план на Трамп од 20 точки предвидува Израел да ги повлече своите сили во Газа до „иницијална линија на повлекување“ во замена за ослободување на заложниците, кои се држат во заробеништво повеќе од две години.
Според планот, Израел би требало да ослободи околу 250 Палестинци осудени на доживотен затвор и уште околу 1.700 лица приведени по терористичкиот напад на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година.
Конфликтот во Газа почна по терористичките напади на Хамас и други палестински екстремисти врз Израел во октомври 2023 година, кога беа убиени околу 1.200 лица, а повеќе од 250 беа киднапирани.
Оттогаш, според податоците на здравствените власти под контрола на Хамас – кои Обединетите нации и меѓународните организации ги сметаат за веродостојни – во војната во Газа се убиени повеќе од 67.000 Палестинци.