ТРАМП НАСКОРО ЌЕ СЕ СРЕТНЕ СО ПУТИН? Русија не планира да ја освои цела Украина
Изјавата на претседателот на САД, Доналд Трамп, доаѓа додека САД и Русија се подготвуваат за првични разговори во Саудиска Арабија во наредните денови.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека во најскоро време би можел да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин за да разговара за Украина. Тој додаде дека работи напорно за да постигне мир во Украина и дека верува оти и Путин и претседателот на Украина, Володимир Зеленски, сакаат борбите да престанат.
На новинарско прашање за можниот датум на средба со Путин, можеби во Саудиска Арабија, Трамп одговори дека нема точен датум.
– Нема конкретен датум, но тоа може да се случи во најскоро време – изјави Трамп.
Тој отрки и дека Стивен Виткоф, кој е и еден од неговите главни советници за меѓународни прашања, имал тричасовна средба со Путин, но не појасни на кој датум се случило тоа.
На прашањето дали Путин има намера да ја преземе цела Украина, Трамп одговори дека претседателот на Русија нема таква намера.
– Не планира. Тоа е прашањето што му го поставив бидејќи ако така постапи, тоа ќе ни создаде голем проблем – рече Трамп.
Изјавата на Трамп доаѓа додека САД и Русија се подготвуваат за првични разговори во Саудиска Арабија во наредните денови.
Во исто време, руското издание „Комерсант“ објави дека разговорите за Украина ќе започнат во вторник, во саудискиот главен град Ријад.
Американски официјален претставник изјави дека државнот секретар на САД, Марко Рубио, ќе ја предводи делегацијата што ќе ја посети Саудиска Арабија на директни разговори со руски официјални претставници во наредните денови за да се бара крај на руската инвазија врз Украина.
Во разговорите во Ријад се очекува да бидат вклучени американскиот советник за национална безбедност Мајкл Волц, како и специјалниот пратеник на Трамп за Блискиот Исток, Стивен Виткоф, изјави американскиот претставник.
Рубио во врска со можните преговори за Украина изјави дека ништо не е финализирано. Во интервју за Си-Би-Ес, тој рече дека тие преговори ќе бидат можност да се започне посеопфатен разговор кој ќе ја вклучи Украина и ќе го реши прашањето за завршување на војната.
Зеленски синоќа пристигна во посета на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) каде што меѓу целите на неговата посета е да разговара за „голема хуманитарна програма“.
„Нашите приоритети вклучуваат враќање на повеќе воени затвореници дома, како и инвестиции и економско партнерство“, објави Зеленски на социјалните мрежи.
Претходно оваа недела, Зеленски рече дека ќе ги посети Саудиска Арабија, ОАЕ и Турција во наредните денови. Сепак, тој посочи дека не планира да се сретне со руските и со американските претставници кои треба да се сретнат во Саудиска Арабија за да разговараат за завршување на војната во Украина.
Москва и Вашингтон подготвуваат самит меѓу претседателот на Русија, Владимир Путин, и неговиот американски колега, Доналд Трамп, што предизвика загриженост во Киев и Европа, кои не сакаат да бидат исклучени од мировните преговори, јавија француски медиуми.
📽 МАСОВЕН УКРАИНСКИ НАПАД ВРЗ РУСИЈА, СЕ ЗАПАЛИ РАФИНЕРИЈА Оштетени се куќи во Краснодарската област