🎥 ТРАМП НАРЕДИ НАПАД ВРЗ ХУТИТЕ, УПОТРЕБЕНА Е СМРТОНОСНА СИЛА Рубио го известил Лавров дека САД ќе почнат воена операција
Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, ја нагласи потребата од итен прекин на употребата на сила, како и од важноста сите страни да влезат во политички дијалог со цел да се најде решение кое ќе исклучува натамошно крвопролевање, соопшти руското Министерство за надворешни работи.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, во саботата рече дека наредил серија воздушни напади врз областите во Јемен под контрола на Хутите, ветувајќи дека ќе употреби „преголема смртоносна сила“ додека бунтовниците Хути, поддржани од Иран, не престанат со нападите врз бродовите долж виталниот поморски коридор, објави Ројтерс.
Тој рече дека американскиот персонал изведува воздушни напади врз базите на Хутите, водачите и противракетната одбрана „за да ги заштити американските поморски и воздушни средства и да ја врати слободата на навигација“.
Според Министерството за здравство, управувано од Хутите, загинале најмалку 31 цивил, вклучувајќи жени и деца, а 101 лице се ранети. Сликите кои кружат на интернет покажуваат црн чад што се издига од околината на аеродромскиот комплекс во Сана, кој вклучува голем воен објект. Жителите опишаа силни експлозии што ги потресоа населбите, а еден сведок, Абдалах ал Алфи, споредувајќи го ударот со „земјотрес“. Канцеларијата за медиуми на Хутите тврди дека нападите ги погодиле станбените области, зголемувајќи ги стравувањата од дополнителни цивилни жртви во веќе разурната од војна нација.
Државниот секретар на САД, Марко Рубио, во телефонски разговор го информирал министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, за одлуката на САД да започнат воена операција против Хутите во регионот на Црвеното Море, соопшти руското Министерство за надворешни работи.
За време на разговорот Лавров укажал на потребата да се запре употребата на сила против Хутите во регионот на Црвеното Море.
„Одговарајќи на аргументите изнесени од американскиот претставник, Сергеј Лавров ја нагласи потребата од итен прекин на употребата на сила, како и од важноста сите страни да влезат во политички дијалог со цел да се најде решение кое ќе исклучува натамошно крвопролевање“, се вели во соопштението на руското Министерство за надворешни работи.
Хутите, кои ветуваат одговор на нападите, претходно рекоа дека ќе продолжат да ги напаѓаат израелските бродови во водите кај Јемен како одговор на израелската блокада на помошта што влегува во Појасот Газа.
CENTCOM operations against Iran-backed Houthis continue… pic.twitter.com/DYvc3gREN8
— U.S. Central Command (@CENTCOM) March 15, 2025