Американскиот претседател Доналд Трамп нагло прекина прес конференција, откако на една новинарка со азиско потекло на поставено прашање ѝ одговори да ја праша Кина, пренесува Си-Ен-Ен.
Имено, Веија Jианг, дописничка на Си-Би-Ес од Белата куќа, го праша Трамп зошто тој ја гледа сегашната криза како меѓународен натпревар, кога загинаа повеќе од 80.000 Американци.
– Можеби тоа е прашање што треба да ѝ го поставите на Кина – ѝ одговори Трамп на новинарката која е родена во Кина и емигрирала во САД на двегодишна возраст.
– Не ме прашувајте мене, тоа прашање поставете ѝ го на Кина, добро? – рече американскиот претседател.
Трамп се обиде да премине на прашања од други новинари, но Јианг се вмешала и прашала зошто тој одговор ѝ го упатил конкретно на неа.
– Не го кажувам тоа на некого особено, тоа му го кажувам на секој што поставува гадно прашање – рече Трамп.
Потоа на ред дојде друга новинарка, која сакала да постави две прашања, но претходно ѝ дозволи на Jианг да си ја заврши работата и не одговори на првиот повик на Трамп.
Сепак, кога се доближи до микрофонот, Трамп одби да одговори.
– Но покажавте на мене, ме повикавте да дојдам – рече новинарката.
Трамп го потврди тоа, но не беше задоволен од нејзината задоцнета реакција.
– Не одговоривте на повикот – рече американскиот претседател.
Новинарката одговори дека сакала да ѝ дозволи на колешката да заврши, а после тоа Трамп нагло ја заврши прес конференцијата.