Трамп меѓу европските Лилипутанци
Можеби најизненадувачки беше тоа што на второ место на највлијателните на европскиот континент не беа наведени лидерите на најмоќните европски економии, Велика Британија, Франција и Германија, туку премиерката на Данска, Мете Фредериксен.
Ниту еден Европеец не го зазеде првото место на листата на американското списание „Политико“ на највлијателните луѓе во Европа во 2025 година. На самиот врв се издвојува американскиот претседател Доналд Трамп. Никој, според „Политико“, годинава немал поголемо влијание во или врз Европа од американскиот претседател.
„Дали е партнер? Одвреме-навреме. Закана? Понекогаш. Сила што го преобликува односот според свои услови? Секогаш.“
Можеби најизненадувачки беше тоа што на второ место на највлијателните на европскиот континент не беа наведени лидерите на најмоќните европски економии, Велика Британија, Франција и Германија, туку премиерката на Данска, Мете Фредериксен.
„Сите живееме во Европа на Мете Фредериксен. Само што не го знаеме тоа“, смета „Политико“.
Оваа изјава се објаснува со фактот дека комбинацијата на Фредериксен од социјалдемократска држава на благосостојба со цврст став кон миграцијата и фокус на одбраната, наидува на одзив и инспирација и во други земји. А и фактот дека Данска го имаше претседателството со ЕУ во последните месеци, исто така, се смета дека ѝ овозможи на Фредериксен поголема видливост.
Во анализите се нагласува и фактот дека Фредериксен не потклекна пред Трамп во однос на прашањето за Гренланд, а што, исто така, ѝ дава поголем кредибилитет отколку на застапниците на т.н. „стратешка автономија“, како, на пример, францускиот претседател Макрон.
Но наместо подарок, данската влада се соочи со сериозен кошмар ред божиќните и новогодишните празници. Претседателот Трамп најави дека ќе преземе нови чекори за заземање на Гренланд – и покрај широките протести од Европа. Прашањето, кое речиси не беше замисливо да се постави на меѓународната сцена, е шокантно: дали најмоќната членка на НАТО истапува со територијални претензии кон друга членка на Алијансата?
На средба со новинирате Трамп неодамна се осврна и на Договорот за купување на Луизијана од 1803 година. Тогаш САД склучија договор со Франција да преземат значаен дел од внатрешноста на Северна Америка за 15 милиони долари. Новата република на САД со тоа стана речиси двојно поголема.
Конзервативниот гувернер на Луизијана, Џеф Ландри, кој сега е назначен за специјален пратеник за Гренланд, треба да издејствува договор за Трамп од ист формат и значење. Географски, Гренланд се смета за дел од Северна Америка. Политички, пак, островот е автономен регион во рамките на Кралството Данска. Ландри се обиде да ги смири духовите тврдејќи дека американската влада нема планови да го „освои“ островот.
Колку тоа звучи смирувачки, најблаго речено е дискутабилно. Во секој случај, кошмарот за данската влада продолжува. Премиерката Мете Фредериксен и министерот за надворешни работи Ларс Леке Расмусен веќе го осудија назначувањето на специјален пратеник, а американскиот амбасадор беше повикан во данското Министерство за надворешни работи.
И премиерот на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен ја поддржа изјавата дека лидерите во Копенхаген и Нук, главен град на Гренланд, очекуваат сите да покажат почит кон „нашиот заеднички територијален интегритет“. Лидерите на ЕУ, исто така, ја поддржуваат Данска.
Идната година САД ќе слават 250 години од ослободувањето од колонијалната сила Британија. Многу географски карти се прецртани и прекројувани оттогаш. И многу други колонии добија независност. Но, токму колонијализмот и империјализмот се појавија повторно на прес-конференцијата на Трамп.
Опкружен со државниот секретар Марко Рубио и секретарот за одбрана Пит Хегсет, претседателот инсистираше дека САД не се во потрага по минералите или нафтата на Гренланд. Наместо тоа, тој сака да ја зајакне безбедноста во регионот. Според Трамп, „ако погледнете по должината на брегот на Гренланд, ќе видите руски и кинески бродови насекаде“.
Таа порака веројатно е наменета за публиката дома. За Американците изморени од војни, кои гласаа за ветувањата на Трамп за мир во светот. Тие тешко можат да ги следат напорите на Белата куќа да ги врати принципите на Монровата доктрина за контрола на Западната хемисфера.
Како што често се вели, на показ повторно е непредвидливоста на Доналд Трамп. Овојпат лидерите во Копенхаген се принудени да го слушаат суровиот јазик на моќта од Мар-а-Лаго. Но тоа, всушност, ги засега сите лидери, не само во нордиските земји, туку и пошироко во Европа.
Кога Доналд Трамп во 2020 година, за време на неговиот прв претседателски мандат, изјави дека сака да го купи Гренланд, данската премиерка рече дека понудата беше апсурдна. Трамп беше навреден и го нарече одговорот на Фредериксен „гаден“. Поучена од тие искуства, данската влада сега се труди да избегне таков вид јавна полемика.
Одговорот од Гренланд 2020 година, кој сега го повторуваат премиерот и други гренландски политичари пет години подоцна, е дека „ние сме отворени за бизнис, но не сме на продажба“. Друг коментар што се повторува е „Иднината на Гренланд се одлучува во Гренланд“ и „нема одлуки за Гренланд без учество на Гренланд“. Но што значи ова во пракса, е недоволно јасно.
За некои гренландски политичари, потезите на Трамп се ветувања, а не закани. Од партијата за независност Налерак, во изминатите години се слушаа изјави дека американски интерес треба да се смета за „безусловно позитивен“. Стремежот беше да отворат нови можности за протуркување на целосната независност што ја посакува оваа партија.
Сепак, идејата за американско преземање не доби голема поддршка меѓу населението на Гренланд. На изборите на ностровот одржани април годинава, Демократит, партија која се залага за постепен пат кон независност, победи со 29 проценти од гласовите. Но партијата сака да одржува и блиски врски со Данска.
Гренланд ги балансира сопствените, американските и данските интереси, но нема никакво сомнение дека балансирањето ќе биде барем исто толку тешко и за владата во Копенхаген. Со можноста за отцепување на Гренланд, поттикнато од најблиските сојузници на земјата, пред се од САД, не само што Кралството Данска какво што е денес е загрозено, туку и улогата на Данска во светот.
Данска без Гренланд би значела добивка во однос на буџетските издвојувања за островот. Но, воено-стратешката вредност на Данска тогаш би била обезвреднета за многу повеќе од околу 850 милиони евра, колку што Гренланд ја чини данската државна каса на годишно. ниво
Гренланд се смета за најголемиот и најважен придонес на Данска во НАТО. Без тој адут, Данска би била сведена на мала земја на северниот крај на Европа, со ограничено воено и политичко значење.
„Гренланд не е на продажба“, пишува на бандерола која деновиве беше развеана пред амбасадата на САД во данската престолнина Копенхаген. Пристапот на Белата куќа се смета за неприфатлив. Но, сума сумарум, останува отворено прашањето во колкава мера може да се очекува дека Трамп е навистина подготвен да слуша некаква лилипутанска земјичка во Европа.