ТРАМП МЕЃУ ДВА ОГНА, НАПАД ИЛИ ТОТАЛНА ВОЈНА? Си постави 10 дена рок за да пресече

Тензија надвиснува врз Блискиот Исток. Белата куќа размислува во денови, не во месеци. Прв ограничен удар врз Иран влегува во калкулација како алтернатива на долга војна, пишува „Волстрит Џурнал“.

654

Американски „Волстрит Џурнал“ пишува дека претседателот на САД Доналд Трамп разгледува ограничен воен напад врз Иран. Целта не би била тотална војна, туку притисок за Техеран да прифати нов нуклеарен договор.

Изворите блиски до администрацијата на Трамп изјавиле дека првиот удар можел да се случи во следните денови. Според анализата, на удар би биле ограничен број воени и владини објекти на Иран.






Трамп постави рок од 10 дена за одлука.

– Можеби ќе треба да одиме чекор понатаму, но можеби и не, можеби ќе постигнеме договор. Веројатно ќе дознаете во следните 10 дена – изјавил претседателот во Вашингтон.

Во срцето на спорот стои иранската програма за збогатување ураниум. Трамп бара целосно запирање. Иран тоа го одбива.

Доколку Техеран не попушти, САД, според истите извори, се подготвени за поширока воена кампања. Таа би таргетирала клучни објекти на режимот. Аналитичари предупредуваат на ризик од регионална ескалација.

Плусинфо веќе пишуваше за анализите на американскиот портал Аксиос во кои се вели дека Израел се координира со САД за можно учество во евентуалниот конфликт кој, во тој случај, би траел и повеќе од 12-дневната војна меѓу Иран и Израел минатиот јуни.

Администрацијата на САД официјално молчи. Но, дипломатските и воените канали бележат зголемена активност. „Волстрит Џурнал“ наведува дека последните дискусии во Вашингтон се фокусирале на операции од поголем обем.

САД веќе распоредиле значителни сили во регионот. Ударната група околу носачот на авиони „USS Abraham Lincoln“ пристигнала прва. Од 12 февруари, нуклеарниот носач USS Gerald R. Ford се движи кон нова мисија.

Дел од маршрутата води кон Медитеранот, со можност за приближување до иранскиот брег.

Во базите на Блискиот Исток пристигнале борбени авиони Ф-22, Ф-35 и Ф-15E. Додадени биле и авиони за полнење гориво во воздух и системи за противвоздушна одбрана.

САД го предупредија Иран дека би било „мудро“ да склучи договор.

– Постојат многу причини и аргументи во прилог на нападот врз Иран – изјави портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит.

Стигна и остра реакција од Израел.

– Ако ајатоласите направат грешка и нè нападнат, ќе се соочат со одговор што не можат ни да го замислат – предупреди израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Техеран соопшти дека подготвува „рамка“ за напредок во разговорите. Иран негира дека развива нуклеарно оружје и бара укинување на санкциите. Од друга страна, Вашингтон инсистира договорот да ја опфати и балистичката програма и поддршката за регионални вооружени групи.

Договорот од 2015 година меѓу Иран и шест светски сили предвидуваше ограничување на нуклеарната програма во замена за укинување санкции. САД се повлекоа во 2018 година, за време на првиот мандат на Трамп. Потоа воведоа нови санкции.

Иран одговори со зголемување на залихите на збогатен ураниум и инсталирање нови центрифуги.

Поврзани содржини