ТРАМП И НЕТАНЈАХУ ПРЕД ДОГОВОР ЗА ПРИМИРЈЕ ВО ГАЗА? Разговорите во Белата куќа фокусирани на заложниците и на „победата над Иран“

Според изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп, и тој и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се залагаат за прекин на огнот во Газа, а според неговите информации, и Хамас е подготвен да прифати таков договор. Специјалниот пратеник на Трамп за Блискиот Исток, Стив Виткоф, изјавил дека администрацијата на САД очекува прекин на огнот во траење од 60 дена да биде постигнат до крајот на неделата.

87

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека неговите разговори со американскиот претседател Доналд Трамп во Вашингтон оваа недела биле фокусирани на ослободувањето на заложниците држени од радикалната палестинска група Хамас во Појасот Газа.

Нетанјаху додаде дека со Трамп разговарале и за последиците и за можностите од „големата победа над Иран“.






Трамп и Нетанјаху се сретнаа по вторпат во рок од два дена на 90-минутна средба во Белата куќа, без да бидат објавени детали од разговорите, јави ДПА.

На состанокот присуствуваше и потпретседателот Џеј Ди Венс. Трамп изјави дека и тој и Нетанјаху сакаат договор за прекин на огнот во Појасот Газа, и дека, според него, и палестинската групација Хамас е подготвена за таков договор.

Претходно во Белата куќа пристигна делегација од Катар на неколкучасовни разговори со високи американски претставници, јави „Аксиос“. Катар, заедно со САД и Египет, посредува меѓу Израел и Хамас.

Специјалниот пратеник на Трамп за Блискиот Исток, Стив Виткоф, изјави дека американската администрација се надева дека до крајот на неделата ќе се постигне договор за 60-дневен прекин на огнот.

Сепак, според Тајмс оф Израел, кој се повикува на арапски медиум, новата рунда преговори во Доха постигнала „многу мал првичен напредок“. Истовремено, Виткоф го одложил своето патување за Катар, што се толкува како сигнал дека договорот сè уште не е подготвен.

Ова беше третото патување на Нетанјаху во САД откако Трамп се врати во Белата куќа на 20 јануари 2025 година за вториот мандат. Трамп организираше вечера во чест на Нетанјаху во понеделникот, а тие имаа уште една средба и вчера.

Хамас изврши изненадувачки напад на израелска територија на 7 октомври 2023 година, со што започна војната во Газа, која трае и денес. Според израелските податоци, во нападот биле убиени околу 1.200 луѓе, а 251 биле земени како заложници. Според здравственото министерство на Хамас, во израелската офанзива во Газа загинале над 57.000 Палестинци.

 

Поврзани содржини