Трамп и единството на Европа
Меѓу оние кои во ЕУ се сметаат за најблиски со Трамп, се италијанската премиерка Мелони и унгарскиот премиер Орбан, кој, по самитот во Лондон, реагираше со изјава дека „европските лидери денеска во Лондон одлучија дека сакаат да ја продолжат војната наместо да изберат мир“.
„Денеска стана јасно дека на слободниот свет му треба нов лидер“, рече шефицата на дипломатијата на ЕУ, Каја Калас, по жестокиот вербален судир во Белата куќа меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски. Од Европејците, смета Калас, зависи да го прифатат овој предизвик.
Во Европа можеби се оформува нова ера на безбедносна соработка. Самитот во Лондон, одржан по иницијатива на британскиот премиер Стармер, требаше да ја манифестира европската решителност и единство во дискусиите за заеднички мировен план за Украина и безбедноста на Европа.
Стармер тоа го најави и како формирање „безбедносна коалиција“. Но, сепак, не беа сите Европејци задоволни од начинот на кој британскиот премиер го организираше самитот. Балтичките земји Естонија, Летонија и Литванија, членки на ЕУ и НАТО, се „длабоко разочарани“ затоа што не биле поканети да учествуваат на средбата во Велика Британија.
Трите балтички земји, од каде што потекнува и високиот репрезентант на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Каја Калас, често се посочуваат како ранливи и изложени на геополитички закани во непосредното соседство на Русија. Кир Стармер имал телефонски контакт со балтичките лидери, но сепак било изразено големо разочарување што не им било дозволено да учествуваат на важниот самит.
„Продадени сме“, се дел од разочарувачките тонови, кои, според европски дипломати на кои се повикуваат медиумите, можеле да се слушнат во овие три земји во Балтичкиот регион, во кој постојано се зголемуваа тензиите по започнувањето на руската инвазија на Украина.
Извесни дипломатски извори, кои се поврзани со балтичките земји, наведуваат оти Русија „со интерес забележува“ дека трите земји беа исклучени од самитот.
„Русија и нашата јавност јасно ќе проценат дека сме распродадени од САД, но и од Велика Британија и Франција“, се нагласува во една изјава што ја пренесе британскиот телевизиски канал „Скај њуз“.
Треба да се истакне дека Естонија, Летонија и Литванија се меѓу земјите-членки на НАТО кои трошат најголем дел од својот БДП на одбраната. Не помалку важен е и фактот дека тие се вбројуваат меѓу најголемите поддржувачи на Украина, гледано од аспект на нивната големина, поддржувајќи го континуирано Киев и со оружје и со финансии.
Но, сепак, не добија покана да учествуваат на самитот во Лондон, иако сите одлуки од една таква средба директно влијаат и на нивната безбедност. Токму затоа цитираниот дипломатски извор ја заврши својата изјава опишувајќи ја пропуштената покана како „срамна“.
Но според зборовите на Калас, токму Европејците се тие кои треба да го прифатат предизвикот. Во контекстот на нејзината порака дека „на слободниот свет му треба нов лидер“, можеби не би било одвишно мало потсетување дека до само пред неколку месеци голем број европски граѓани во испитувањата на јавното мислење пред претседателските избори во САД, се изјаснуваа дека би гласале за демократската противкандидатка на Трамп, Камала Харис.
Во скандинавските земји Данска, Шведска, Норвешка и Финска над 80 отсто од граѓаните бо го дале својот глас за Харис, а дури помалку и од 10 отсто за Трамп, да имаа можност да гласаат на претседателските избори во САД. За Харис во Германија би гласале 73 отсто, во Франција 62 отсто, а во Велика Британија 58 отсто. Меѓу сонародниците на Каја Калас во балтичките земји, околу 70 отсто ги изразија своите симпатии за Харис. Во некои други европски земји, пак, предизборното расположение беше повеќе на страната на Трамп, како, на пример, во Унгарија и Бугарија, околу 50 отсто. Најмногу во Србија, околу 59 отсто.
Новата американска администрација сигурно ги има регистрирано овие бројки, кои веројатно не се потполно без значење во однос на недоумиците, сомнежите и стравувањата за натамошно нарушување на трансатлантските односи.
Многумина политички лидери, посебно од западноевропските држави од т.н. стара ЕУ, отворено се надеваа во изборната победа на Харис. За таквиот однос имаше повеќе причини, а едната од нив беше намалениот интерес на Трамп за европската безбедност. Но тоа што најмногу ги загрижуваше европските лидери, а што и сега е јасно забележливо, се чини е стилот на Трамп – пред се, неговата непредвидливост, и она што се сфаќа и доживува како негова суровост.
Меѓу оние кои во ЕУ се сметаат за најблиски со Трамп, се италијанската премиерка Мелони и унгарскиот премиер Орбан, кој, по самитот во Лондон, реагираше со изјава дека „европските лидери денеска во Лондон одлучија дека сакаат да ја продолжат војната наместо да изберат мир“.
Европа е обединета, е пораката што ја испраќаат најмоќните европски лидери, и стои пред два монументални предизвика: да ја поддржи Украина во овој критичен миг и да изгради европска одбрана, независно од САД.
Сепак, надежите дека американскиот претседател Трамп ќе остане посветен на изнаоѓање решение за траен мир во Украина, и понатаму се присутни. Во меѓувреме останува да се следи развојот на настаните. Но впечатоците се различни и постојано поттикнуваат на нови толкувања, посебно во однос на цврстината и силата кога е во прашање натамошното одржување на трансатлантската врска.
Во Стокхолм, од фасадата на објекот на Амбасадата на САД во Шведска, деновиве „исчезна“ бандеролата со натписот „Стоиме со Украина“ (We #StandWithUkraine), која таму беше истакната од почетокот на руската војна во Украина. Засега е нејасно зошто е симната бандеролата. Но, како што на X објави еден шведски европратеник, станува збор за „срамен чин“.