ТРАМП ГО ПРИТИСКА НЕТАНЈАХУ ДА ЈА ПУШТИ „СЕКОЈА ТРОШКА ХРАНА“ ВО ГАЗА Стармер вели дека Британија е згрозена од хуманитарната катастрофа во енклавата
На средбите со британскиот премиер Кир Стармер, претседателот на САД, Доналд Трамп, го пофали лидерот на Лабуристите, но и му порача дека мора да ги намали даноците и да се справи со илегалната имиграција ако сака изборна победа. Стармер, пак, во приватните разговори вршел притисок врз Трамп во врска со ситуацијата во Газа.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, ѝ рекол на израелската влада да дозволи „секоја трошка храна“ да влезе во Газа, објави британски Гардијан.
За време на посетата на Велика Британија, американскиот претседател му противречеше на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој претходно тврдеше дека е „дрска лага“ оти Израел предизвикува глад во Газа.
Трамп се соочува со сѐ поголем притисок да интервенира во хуманитарната криза, откако десетици Палестинци починаа од глад во последните недели – криза што Обединетите нации и други хуманитарни организации ја припишуваат на израелската блокада на речиси целата хуманитарна помош.
Трамп го пофали Стармер
На средбите со Кир Стармер – вклучително и на хаотична 70-минутна прес-конференција во неговиот голф-ресорт Трнбери – тој упати пофалби до Стармер, но го повика да ги намали даноците и да се справи со илегалната имиграција ако сака да победи на следните избори.
Според владини извори, Стармер во приватни разговори го притискал Трамп токму за Газа.
Пред новинарите, Трамп изјави дека Израел сноси „голема одговорност“ за кризата, критикувајќи ја изјавата на Нетанјаху дека „нема глад во Газа“.
На прашањето дали се согласува со таа проценка, Трамп одговори:
– Не знам. Судејќи по телевизијата, не баш, тие деца изгледаат многу гладни… Можеме да спасиме многу луѓе, мислам, некои од тие деца. Тоа е вистински глад; го гледам и не може да се излажеш за тоа. Затоа ќе се вклучиме уште повеќе.
На прашањето што ќе му каже на Нетанјаху при следната средба, Трамп рече:
– Ние даваме пари и храна, ама сме далеку… Сакам тој да се погрижи да ја добијат храната. Сакам да осигурам дека ќе ја добијат храната, секоја трошка храна.
Трамп ја критикуваше Хамас за тоа што не ги ослободува преостанатите заложници и рече дека таа милитантна група е „многу тешка за соработка“, а притоа наведе дека го повикал Израел да го смени пристапот.
– Му реков на Израел, му реков на Биби, дека можеби сега треба да дејствуваат поинаку – изјави Трамп.
Претседателот зборуваше пред билатералната средба со Стармер, кој отиде во Ершајр за да се сретне со него. Двајцата лидери потоа требаше да го посетат вториот голф-терен на Трамп во Абердиншир и да вечераат заедно.
Тој изврши притисок врз Стармер да ги намали даноците и имиграцијата, нарекувајќи и него и Најџел Фараж, лидерот на Реформ УК, „добри луѓе“.
– Претпоставувам дека нешто се случува меѓу тебе и Најџел, и тоа е во ред. Но, генерално, тој што ќе ги намали даноците најмногу, што ќе ви даде најниски цени на енергија и најдобар вид енергија, што ќе ве држи надвор од војни… мислам дека оној што е најтврд и најспособен за имиграцијата ќе победи на изборите – рече Трамп.
Стармер, кој стоеше покрај Трамп, изјави дека британската јавност е „згрозена“ од „целосната катастрофа“ во Газа и дека е итно потребен прекин на огнот.
Израел едно тврди, друго прави?
Израел за време на викендот најави дека ќе ја прекинува офанзивата во 3 зони од Газа по 10 часа дневно и дека ќе отвори безбедни патеки за доставување помош, додека Британија потврди дека соработува со Јордан на воздушни дотури со храна и на лекови.
Но во понеделникот, според здравствени извори и очевидци, најмалку 25 Палестинци биле убиени, меѓу нив и 4 деца, кога израелски војници отвориле оган врз луѓе кои чекале помош покрај камионска колона во јужна Газа. Израелската армија не даде веднаш коментар.
Хуманитарните агенции велат дека новите мерки не се доволни за да се запре растечкиот глад во појасот.
Портпаролот на Светската програма за храна на ОН, Мартин Пенер, изјави дека сите 55 камиони со хуманитарна помош што влегле во понеделникот биле ограбени од гладни луѓе пред да стигнат до магацините на ОН. Друг претставник на ОН изјави дека на терен ништо не се променило и дека не се дозволени алтернативни рути.
Во понеделникот, според локалните здравствени власти, вкупно 78 Палестинци биле убиени од израелски воздушни напади или од огнено оружје, меѓу нив и една бремена жена и нејзиното бебе, кое било породено по нејзината смрт, но исто така починало.
Итен состанок за кризата во Газа
Стармер треба да свика итен состанок на владата во вторник попладне поради хуманитарната криза во Газа. Министрите ќе бидат запознаени со мировен план на кој Британија работи заедно со Франција и Германија.
Британскиот премиер е под притисок од повеќе министри и од над 220 пратеници да ја признае Палестина како држава, откако Емануел Макрон најави дека Франција ќе го направи тоа на Генералното собрание на ОН во септември. Трамп ја отфрли таа идеја во понеделникот, но рече дека нема ништо против ако Британија или други сојузници го сторат тоа.
Тој додаде дека САД и сојузниците ќе основаат „отворени центри за храна“ без пречки во регионот, но не даде детали како тие ќе функционираат.