ТРАМП ГО ПОВИКУВА ИЗРАЕЛ ДА НЕ ГО НАПАЃА ИРАН Виткоф им рекол на своите луѓе дека Техеран е опасен
Специјалниот претставник на Трамп за Блискиот Исток, Стив Виткоф, им порачал на републиканските пратеници дека израелски напади врз Иран се на маса доколку пропаднат преговорите за иранската нуклеарна програма, наведуваат американски функционер и извор запознаен со ситуацијата.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека Израел може да ги нападне нуклеарните постројки на Иран, но дека Техеран може да избегне конфликт доколку попушти во преговорите со Вашингтон, објави Тајмс оф Израел.
– Не би рекол дека нападот е неизбежен, но изгледа како нешто што многу лесно може да се случи – изјави Трамп пред новинарите, на прашањето дали Израел ќе го нападне Иран.
Сепак, тој ги повика израелските власти да не извршат напад, нагласувајќи дека договорот со Иран за нуклеарната програма е блиску.
– Прилично сме блиску до еден доста добар договор. Не сакам тие (Израел) да влезат, затоа што мислам дека тоа би го уништило договорот – рече Трамп.
Тој изјави и дека „би сакал да се избегне конфликтот.“
– Иран ќе мора да преговара малку поцврсто, односно ќе треба да ни понуди нешто што во моментов не сака да го даде – додаде Трамп.
Ако Израел ги нападне нуклеарките на Иран, Техеран ќе возврати крваво
Специјалниот претставник на Трамп за Блискиот Исток, Стив Виткоф, минатиот четврток, на брифинг зад затворени врати им рекол на републиканците во Сенатот дека ако Израел ги нападне нуклеарните објекти на Иран, одговорот на Иранската Република би можел да биде настан со масовни жртви, објави Аксиос.
Виткоф – кој се очекува во Оман во недела за уште една рунда од тековните разговори на САД со Иран за постигнување договор во врска со нуклеарната програма на Исламската Република – им рекол на пратениците дека израелските воени напади се на маса ако преговорите не успеат, се вели во извештајот, цитирајќи американски функционер и извор со директно познавање.
Претседателскиот претставник ја покренал темата за балистичките ракетни капацитети на Иран, велат изворите, и тврдел дека САД се загрижени дека воздушната одбрана на Израел би можела да биде совладана од напад со стотици ракети.
Во октомври 2024 година, Иран лансираше стотици балистички ракети кон Израел, иако голем дел од нападот беше спречен од воздушната одбрана во Израел и со помош на регионалните сојузници и САД. Сличен напад во април 2024 година – во кој исто така беа користени беспилотни летала и крстосувачки ракети – исто така, беше во голема мера спречен.
Аксиос објави, повикувајќи се на американски функционер, дека од октомврискиот напад, Иран го зголемил производството на балистички ракети на околу 50 месечно. Целта на Исламската Република е да произведе повеќе ракети отколку што Израел има пресретнувачи, вели функционерот.