ТРАМП ГО ПОКАНИ И ПУТИН ДА ЧЛЕНУВА ВО ОДБОРОТ ЗА МИР ВО ГАЗА Поканети се околу 60 држави, а членството ќе чини миилијарда евра
Во моментов ги разгледуваме деталите од овој предлог и се надеваме дека ќе разговараме за сите нијанси со Американците“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков.
Американскиот претседател Доналд Трамп го поканил рускиот претседател Владимир Путин да биде член во Одборот за мир во Газа, тело предвидено со мировниот план на Трамп, прифатен од Израел и од Палестинската управа, како и од милитантната група Хамас. Кремљ потврди дека Трамп го поканил и Путин во Одборот и најави дека за темата „ќе се разговара со САД“.
Телото кое ќе ја надгледува работата на палестинската технократска влада во појасот Газа ќе го предводи самиот Доналд Трамп. Поканата за членство била испратена во околу 60 држави, а секоја земја што ќе го прифати треба да уплати една милијарда долари, пари што ќе се искористат за обнова на Газа.
Засега Унгарија и Виетнам потврдија дека ја прифатиле поканата за членство во Одборот за мир во Газа. Австралија, Јордан, Грција, Кипар, Пакистан, Канада, Турција, Египет, Парагвај, Аргентина и Албанија потврдија дека се поканети, а истото го стори и портпаролот на руската влада.
„Претседателот Путин доби покана преку дипломатски канали да стане член на овој Одбор за мир. Во моментов ги разгледуваме деталите од овој предлог и се надеваме дека ќе разговараме за сите нијанси со Американците“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков.
Се очекува САД да го објават официјалниот список на членови во наредните денови, веројатно на Светскиот економски форум во Давос. Овој одбор ќе ги надгледува следните чекори во Газа, по примирјето што стапи во сила на 10 октомври. Тие вклучуваат и распоредување на меѓународни безбедносни сили, разоружување на Хамас и реконструкција на територијата.
Трамп рече дека Одборот за мир ќе има смел нов пристап кон решавањето глобални конфликти и со тоа би можел да стане потенцијален ривал на Советот за безбедност на Обединетите нации, на чии одлуки САД често ставаа вето.
Меѓу основачките членови на Одборот се бившиот британски премиер Тони Блер, државниот секретар на САД, Марко Рубио, американскиот специјален пратеник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џеред Кушнер.