ТРАМП ГО МЕНУВА ПЛАНОТ, БЕЗ РОК ЗА УКРАИНА Москва прифатила отстапки, преговорите се забрзуваат

Вашингтон тврди дека мировниот план е флексибилен, а Трамп најавува дека Русија и Украина веќе усогласиле дел од точките од ревидираната рамка.

1

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е оптимист дека мировниот план за Украина ќе добие конечна форма и дека повеќе не инсистира Киев да одговори до одреден рок. Тој нагласи дека преговорите меѓу Москва и Киев напредуваат, а Русија, како што тврди, прифатила одредени отстапки.

Трамп зборуваше со новинарите во претседателскиот авион „Ер Форс Еден“, на пат кон Флорида за Денот на благодарноста, откривајќи дека американските посредници „се движат напред“ во разговорите со двете страни. Тој рече дека неговиот план никогаш не бил „крут“, објаснувајќи го како „само мапа“.






– Крајниот рок за мене е, кога сè ќе заврши – изјави Трамп, додавајќи дека сите страни се изморени од војната.

Американскиот претседател го бранеше почетниот пакет од 28 точки, критикуван во Европа и Украина дека е премногу поволен за Москва. Трамп тврдеше дека дел од точките веќе се усогласени.

– Го земаа списокот од 28 точки и го сведеа на 22. Многу прашања се решени поволно – рече тој.

Предлогот предизвика бурни реакции и стравувања дека Вашингтон ќе ја притисне Украина да потпише мировен договор по секоја цена. Но, Трамп сега вели дека Киев ја прифатил суштината на ревидираната рамка и дека процесот продолжува без фиксни рокови.

Прашан дали Украина би била приморана на прекумерни територијални отстапки, Трамп изјави дека Русија „во следните месеци и онака би презела дел од територијата“, но додаде дека Москва наводно се согласила да запре со офанзивните операции. Не наведе детали за природата на руските отстапки.

Трамп оцени дека Русија има предност на фронтот, што според него е дополнителен мотив за Украина да бара решение. Паралелно, САД разговараат со европските партнери за пакет безбедносни гаранции за Киев.

Во продолжение на дипломатските активности, Трамп потврди дека специјалниот американски пратеник Стив Виткоф ќе отпатува за Москва на средба со Владимир Путин, додека Даниел Дрискол од Пентагон ќе води одвоени разговори со Украина. Можно е во посетата на Русија да се вклучи и зетот на Трамп, Џаред Кушнер.

Поврзани содржини