ТРАМП ГИ ЗАТЕГА ОДНОСИТЕ СО КИНА Американскиот претседател одбива да се сретне со Си Џипинг
Нов трговски судир меѓу САД и Кина, Трамп одбива средба со Си Џинпинг и најавува зголемени царини, додека Пекинг воведува такси за американските бродови.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека „нема причина“ да се сретне со кинескиот претседател Си Џинпинг за време на својата претстојна посета на Јужна Кореја, поради, како што рече, непријателскиот став на Кина и новите економски мерки против САД.
Изјавата на Трамп дојде само неколку часа откако Пекинг го ограничи извозот на ретки метали и воведе пристанишни такси за американските бродови, што дополнително ги заостри трговските тензии меѓу двете најголеми економии во светот.
– Кина станува многу непријателски настроена. Го држат светот во заложништво со контролата на металите и магнетите што се користат во технологијата. Нема причина да се среќаваме – изјави Трамп на својата социјална мрежа „Truth Social“.
Американскиот претседател најави дека како одговор на потезите на Пекинг се разгледува големо зголемување на царините за кинеските производи што влегуваат во САД, како и воведување други контрамерки.
– Една од мерките што во моментот ги разгледуваме е големо зголемување на царините за кинески производи. Постојат и други опции што се сериозно анализираат – напиша Трамп.
Со оваа најава, Вашингтон испраќа јасен сигнал дека трговската војна меѓу САД и Кина повторно се интензивира, по неколкумесечниот период на релативно затишје.
Во реакција на американските мерки, кинеското Министерство за транспорт денеска соопшти дека воведува пристанишни такси за сите бродови во сопственост или под управа на САД.
Според новите правила, секој американски брод ќе плаќа 400 јуани (56 долари) по нето тон при пристигнување во кинеските пристаништа, а износот ќе се зголемува петпати до 2028 година, кога ќе достигне 1.120 јуани (157 долари) по тон.
Мерката ќе стапи на сила на 14 октомври, истиот ден кога САД планираат да воведат сопствени такси за кинеските бродови.
– Ова се контрамерки како одговор на погрешните практики на САД, кои ги загрозуваат легитимните интереси на кинеската бродоградба и го нарушуваат меѓународниот економски поредок – се наведува во соопштението од Пекинг.
Покрај тоа, Кина воведе нови ограничувања за извоз на ретки минерали и литиумски батерии, како и на опремата што се користи за нивно производство.
Овие материјали се од суштинско значење за производството на електронски компоненти, компјутерски чипови, ласери и други високотехнолошки производи, што може значително да ги погоди американските компании зависни од кинеските ресурси.
Вашингтон веќе најави сопствен план, кинеските бродови што пристигнуваат во американски пристаништа ќе плаќаат 50 долари по нето тон, со предвидено зголемување од 30 долари секоја година до 2028 година.
Со најновите мерки, економскиот конфликт меѓу двете суперсили влегува во нова етапа на ескалација, со потенцијал да има глобални последици за меѓународната трговија и цените на технологијата.