ТРАМП ЌЕ ГИ ОТВОРИ ПОРТИТЕ НА ПЕКОЛОТ ЗА ИРАН, НЕ БЛЕФИРА Белата куќа негира дека преговорите за мир со Техеран се во ќор-сокак
Доколку Иран не го прифати поразот, претседателот Доналд Трамп ќе се погрижи да биде погоден посилно од кога било досега, рече портпаролката на Белата куќа, Керолин Ливит.
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, негираше дека разговорите со Иран дошле до мртва точка, откако иранските државни медиуми јавија дека Техеран го одбил предлогот на Вашингтон од 15 точки за ставање крај на војната.
– Разговорите продолжуваат. Тие се продуктивни и продолжуваат – изјави Ливит денеска на прес-конференција.
Во врска со медиумските извештаи кои тврдат дека го откриваат американскиот предлог од 15 точки таа рече дека „има елементи на вистина во тоа, но некои од приказните не се сосема точни “.
Ливит рече дека Соединетите Американски Држави се блиску до постигнување на клучните цели на воената операција „Епски бес“.
– Ние сме многу блиску до постигнување на главните цели на операцијата, а воената мисија продолжува без прекин. Претседателот Доналд Трамп и Министерството за војна од самиот почеток проценија дека мисијата ќе трае 4 до 6 недели, а американската војска, 25 дена по почетокот на операцијата, е пред распоредот. Најмоќната војска во светот постигнува извонредни резултати секој ден, иранскиот режим е сериозно ослабен, а неговата способност да ги загрози Соединетите Американски Држави и нивните сојузници е значително намалена – рече таа.
Додаде дека амбициите на Иран да развие нуклеарно оружје се дополнително ослабени, дури и повеќе отколку за време на операцијата „Полноќен чекан“ во јуни 2025 година.
Според неа, американската војска продолжува да ги „уништува“ офанзивните и одбранбените капацитети на Иран.
– Досега се погодени повеќе од 9.000 непријателски цели, а иранските напади со балистички ракети и беспилотни летала се намалени за околу 90 проценти. САД систематски ја расклопуваат одбранбената индустриска база на Иран, вклучително и со напади врз подземни складишта за ракети и оружје, каде што беа користени бомби со висок капацитет во текот на викендот. Уништени се повеќе од 140 ирански бродови, вклучувајќи речиси 50 бродови за поставување мини, што е најголемото уништување на морнарица во толку краток временски период од Втората светска војна – рече таа.
Таа изнесе податок и дека неколку бомби од по 2.200 килограми биле фрлени за време на викендот врз ирански подземни постројки каде се складираат ракети и оружје.
Зборувајќи за можноста за завршување на војната, Ливит нагласи дека претседателот Доналд Трамп сака мир, но исто така предупреди за можна понатамошна ескалација.
– Доколку Иран не го прифати поразот, претседателот ќе се погрижи да биде погоден посилно од кога било досега – рече таа.
Додаде дека Трамп „не е блефер“ и е „подготвен да ги отвори портите на пеколот за Иран“.
– Иран не би требало повторно да згреши Нивната последна погрешна пресметка ги чинеше нивното врховно раководство, нивната морнарица, нивните воздухопловни сили и нивниот систем за противвоздушна одбрана. Секое понатамошно насилство ќе биде последица на одбивањето на иранскиот режим да го разбере ова – рече Ливит.
На прашањето дали САД би можеле да испратат копнени трупи доколку преговорите пропаднат и за да го принудат Иран целосно да го отвори стратешки важниот Ормуски Теснец, таа одговори дека тоа е „хипотетичко прашање“ и е одлука на врховниот командант.
– Нема да ги прејудицирам неговите постапки – рече портпаролката на Белата куќа во Вашингтон.