ТРАМП ЌЕ БАРА САУДИСКА АРАБИЈА ДА ВЛОЖИ 1.000 МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ ВО САД Потпишан договор за стратешко партнерство меѓу Вашингтон и Ријад

За време на престојот во Ријад, Трамп ќе ѝ понуди на Саудиска Арабија пакет оружје во вредност од над 100 милијарди долари, вклучувајќи и напредни транспортни авиони Ц-130, наведуваат извори од делегацијата.

345

Американскиот претседател Доналд Трамп и саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман денеска во Ријад потпишаа договор за стратешко економско партнерство меѓу САД и Саудиска Арабија.

Партнерството вклучува договори во областите на енергетиката, рударството и одбраната.






Договорот за одбрана се фокусира на воената соработка меѓу двете земји, вклучувајќи ја модернизацијата и развојот на капацитетите на саудиските вооружени сили.

Беа потпишани и други договори, вклучително и за соработка меѓу царинските органи на двете земји, за медицински истражувања поврзани со заразни болести, за судска соработка и договор за партнерство меѓу саудиското министерство за внатрешни работи и Федералното биро за истраги на САД (ФБИ).

Трамп и бизнис делегацијата утринава пристигнаа во Саудиска Арабија, со што ја почнаа четиридневната турнеја во регионот. По посетата на Ријад, ќе отпатува во Катар и во Обединетите Арапски Емирати.

Во придружба на Трамп се американски бизнисмени, меѓу кои и извршниот директор на „Тесла“ и советник на претседателот, Елон Маск.

За време на посетата, Трамп ја објави можноста за патување во Турција во четврток на директни разговори меѓу рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Посетата на Заливот е главно фокусирана на економски прашања, со очекувани најави за инвестиции кои би можеле да достигнат илјадници милијарди долари.

Саудиска Арабија уште во јануари вети 600 милијарди долари инвестиции во САД во текот на следните 4 години, додека Трамп планира да побара вложувања во износ од 1.000 милијарди долари.

За време на престојот во Ријад, Трамп ќе ѝ понуди на Саудиска Арабија пакет оружје во вредност од над 100 милијарди долари, вклучувајќи и напредни транспортни авиони Ц-130, наведуваат извори од делегацијата.

Трамп, меѓутоа, нема да се фокусира на прашањето за нормализирање на односите меѓу Саудиска Арабија и Израел, иако ова е една од неговите главни геополитички цели.

Неговите следни посети на Катар и Обединетите Арапски Емирати ќе се фокусираат на економски теми, а се очекува Катар да му подари на Трамп луксузен авион „Боинг 747-8“, што би бил опремен како претседателскиот авион „Ер Форс Уан“.

Поврзани содржини