ТРАМП ЈА НАЈАВИ ПОБЕДАТА НА МИРОТ По два часа разговор со Путин, започнуваат преговорите за крај на војната

Американскиот претседател Трамп истакна дека Русија и Украина веднаш почнуваат преговори за завршување на војната.

188

Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека преговорите за прекин на огнот меѓу Русија и Украина ќе започнат веднаш, по телефонски разговор што го имал со рускиот претседател Владимир Путин.

„Тукушто го завршив двочасовниот разговор со претседателот на Русија, Владимир Путин. Верувам дека помина многу добро. Русија и Украина веднаш ќе започнат преговори за прекин на огнот, и што е уште поважно – за крај на војната“, напиша Трамп на својата социјална мрежа „Truth Social“.






Тој нагласи дека условите за преговорите ќе бидат договорени директно меѓу двете страни, бидејќи, како што наведе, „тие ги знаат деталите од преговорите што никој друг не би можел да ги знае“.

„Тонот и духот на разговорот беа одлични. Да не беше така, ќе го кажев сега, а не подоцна“, додаде американскиот претседател.

Трамп истакна дека Русија е заинтересирана за интензивна трговија со САД по завршувањето на војната и дека гледа голем потенцијал за економски раст.

„Русија сака обемна трговија со САД кога ќе заврши ова катастрофално крвопролевање, и јас се согласувам со тоа. Постои огромна можност Русија да создаде голем број работни места и богатство. Нејзиниот потенцијал е неограничен. Исто така, Украина може да биде голем победник во трговијата, за време на реконструкцијата на својата земја“, напиша Трамп.

Американскиот претседател потврди дека за иницијативата веднаш ги информирал украинскиот претседател Володимир Зеленски, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, францускиот претседател Емануел Макрон, италијанската премиерка Џорџија Мелони, германскиот канцелар Фридрих Мерц и финскиот претседател Александар Стуб.

„Сите тие разговараа со мене веднаш по мојот разговор со претседателот Путин“, напиша тој.

Како што посочи, Ватикан, претставуван од папата, изразил голем интерес да биде домаќин на овие преговори.

„Нека започне процесот!“, повика Трамп на крајот од објавата.

Поврзани содржини