ТРАМП ЈА ИСПРАТИ НАЦИОНАЛНАТА ГАРДА ВО ЛОС АНЏЕЛЕС 2.000 војници ќе ги „смируваат“ тензиите со имигрантите
Ако гувернерот Гевин Њусом од Калифорнија и градоначалничката Карен Бас од Лос Анџелес не можат да си ја вршат работата, а сите знаат дека не можат, тогаш Федералната влада ќе се вмеша и ќе го реши проблемот, НЕРЕДИ И ОГРАБУВАЧИ, на начинот на кој треба да се реши!!!, напиша претседателот на САД.
Администрацијата на претседателот на САД, Доналд Трамп нареди да се испратат 2.000 припадници на Националната гарда во Лос Анџелес. Одлуката доаѓа по вториот ден на судири во градот, каде што жителите на претежно латиноамериканскиот кварт Парамаунт се спротивставија на агентите на Службата за имиграција и царина (ИЦЕ). Во наредбата, претседателот Трамп наведува дека единиците на Националната гарда „привремено ќе ги штитат“ имиграциските службеници.
Овој потег претставува сериозна ескалација во антиимиграциската политика на Трамп и предизвика загриженост кај властите во Калифорнија. Досега Националната гарда е распоредувана во Лос Анџелес само во исклучителни случаи, како протестите по убиството на Џорџ Флојд во 2020 и нередите по пресудата за Родни Кинг во 1992.
Последните судири се случија во изолирани делови на градот, а очевидци за ЛА Тајмс велат дека биле употребени флеш гранати, солзавец, а имало и физички пресметки меѓу демонстрантите и полицијата.
Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, потврди дека федералната влада има намера да го преземе управувањето со Националната гарда на Калифорнија и да распореди 2.000 војници. Во соопштение тој истакна дека локалната полиција е веќе распоредена и не постои потреба од ваква интервенција која ја нарече „намерно провокативна“, предупредувајќи дека само ќе ги зголеми тензиите.
Трамп на неговата платформа Трут Соушал напиша дека федералната влада ќе го реши проблемот. Оваа негова порака беше пренесена на социјалнта мрежа X (поранешен Твитер) на официјалниот профил на Белата куќа.
„Ако гувернерот Гевин Њусом од Калифорнија и градоначалничката Карен Бас од Лос Анџелес не можат да си ја вршат работата, а сите знаат дека не можат, тогаш Федералната влада ќе се вмеша и ќе го реши проблемот, НЕРЕДИ И ОГРАБУВАЧИ, на начинот на кој треба да се реши!!!“, напиша претседателот Доналд Трамп.