ТРАГЕДИЈАТА СО УЧЕНИКОТ ОД „КОРЧАГИН“ ВЛЕЗЕ ВО ИЗВЕШТАЈОТ НА НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ На учениците да им се пристапи чувствително!
Народниот правобранител констатира дека мал број ученици имале поддршка од педагошко-психолошката служба, и во мал број училишта се одржале предавања на тема подобрување на психолошката добросостојба.
Народниот правобранител во последниот извештај се осврнува на трагичниот настан во кој со ученик од гимназијата „Раде Јовчевски Корчагин“ – Скопје си го одзеде животот, за кој вели дека сериозно ја потресе јавноста и отвори многу прашања кои бараат сериозна анализа, меѓу кои и прашањето за грижата за менталното здравје на учениците и колку е тоа предмет на анализа и работа на наставниот и стручниот кадар од училишните стручни служби.
Народниот правобранител констатира дека мал број ученици имале поддршка од педагошко-психолошката служба, и во мал број училишта се одржале предавања на тема подобрување на психолошката добросостојба.
„Имајќи го предвид наведеното, како и неодамнешниот настан, во кој средношколец си го одзеде животот, Народниот правобранител укажува дека училиштата, покрај воспитно-образовната дејност, даваат клучен придонес во емотивниот и когнитивниот развој на децата и имаат значајна улога во општествениот развој и промените. Следствено, вработените во училиштата, наставниот кадар и стручните тимови, со оглед на значајната улога во процесот на заштита на децата, на потребите и грижите на децата потребно е да им пристапуваат чувствително грижејќи се за нивните права, приватност и достоинство“, се наведува во Извештајот.
Народниот правобранител е на мислење дека Министерството за образование и наука, во соработка со другите ресорни министерства (Министерство за здравство, Министерство за труд и социјална политика), и во координација и соработка со училиштата, институциите за заштита на децата, како и локалните самоуправи континуирано треба да преземат активности и мерки за заштита на менталното здравје, како и безбедност на учениците во училиштето и надвор од него.
Исто така, стручните соработници во училиштата, потребно е да бидат едуцирани и обучени за рано откривање на проблеми во менталното здравје на децата, да ги препознаат знаците од нарушено ментално здравје, со цел превенција, спречување и минимизирање на немили настани кои го загрозуваат здравјето, добросостојбата, и животот на учениците, со почитување на правата на децата и нивниот најдобар интерес.