ТРАГЕДИЈА ВО ТЕТОВО Татко, мајка и ќерка починале од ковид-19 во иста недела, не побарале лекарска помош
Пациентите не отишле на преглед во ковид-центарот и сите тројца починале во својот дом. Според лекарите, генетскиот фактор и хроничните болести биле причината за нивната смрт.
Татко, мајка и нивната 36-годишна ќерка од Тетово починале минатата недела поради компликации од ковид-19, а и тројцата пациенти имале хронични болести и се ноаѓале во тешка здравствена состојба, информираат од тетовската Клиничка болница.
Како што велат оттаму, пациентите не отишле на преглед во ковид-центарот и сите тројца починале во својот дом. Според лекарите, генетскиот фактор и хроничните болести биле причината за нивната смрт.
– Имаме информација од минатата недела дека во домашни услови има тројца починати од едно семејство, од кои најмладата е 36 годишна жена со коморбидитети, била со обезитас, гинеколошки проблеми. Нејзините родители биле во тешки форми на болести како канцер во терминална фаза кај таткото и кардиолошка болест кај мајката. Значи, генетскиот фактор и коморбидитетите се главниот проблем за смртни случаи при зараза со ковид-19 – изјави д-р Миранда Пајазити од тетовската Клиничка болница.
Од болницата велат дека немаат информации како се заразиле членовите на семејството.
– Немаме информации за начинот на кој се заразиле. Можно е да било поради групирање, не само свадби, имаше разни видови настани кои можат да доведат до заразеност. Затоа апелираме да нема групирање, да нема никакви настани додека се смири ситуацијата. При првите симптоми луѓето да прават контрола и тоа е многу добро. Сега во Клиничката болница нема многу членови од исто семејство кои се заразени, но во домашни услови има, има и во поблага и во полоша форма. За жал, повеќето пациенти доаѓаат во терминална фаза од болеста и ги кријат симптомите дома – објаснува д-р Пајазити.