ТРАЈНО ВРАБОТУВАЊЕ ЗА 1.500 ЗДРАВСТВЕНИ РАБОТНИЦИ Повеќе нема да бидат искористувани како гласачи
На овие лица, кои ги држеле во неизвесност за да ги искористат пред избори, ќе им се трансформираат договорите во трајни работни места, без разлика дали ги вработил ДУИ, СДСМ или некој друг, вели вицепремиерот Изет Меџити.
Ќе бидат вработени 1.500 здравствени работници кои веќе работат во здравството, но немаат трајно вработување, најави вицепремиерот Изет Меџити. Тој соопшти дека Владата има одлука за трансформација на здравствените работници кои со години останале со привремени договори во здравството.
– Во овој период ќе донесеме одлука за трансформација на оние кои биле вработени во здравството од минатите влади и останале со привремени договори за работа, некои дури и со децении. Станува збор за 1.500 здравствени работници, кои ги држеле во неизвесност за да ги искористат пред избори, не им давале решенија, за да ги користат како гласачи – рече Меџити во гостување на ТВ Глоби.
Тој истакна дека оваа Влада е одлучна да го реши проблемот.
– Ние не ги вработивме, но се разликуваме од другите. На овие лица ќе им се трансформираат договорите во трајни работни места, без разлика дали ги вработил ДУИ, СДСМ или некој друг. Важно е што тие им се потребни на здравствените институции, не може да се играме со луѓе кои 10 години работеле со такви договори – рече Меџити.
Според него, од тое 1.500 вработени, 800 се Албанци, а решенијата ќе се доделат рамномерно, на 50% Албанци и на 50% Македонци.