ТРАЈКО СЛАВЕСКИ Е НОВИОТ ГУВЕРНЕР НА НАРОДНА БАНКА Собранието даде зелено светло неколку минути пред полноќ
Славески е ко-автор на првата Антиинфлаторна програма, важен документ при монетарното осамостојување на Република Македонија во април 1992 година во борбата со тогаш присутната хиперинфлација и воведувањето на националната валута - денарот.
Неколку минути пред полноќ, во Собранеито на РСМ, Трајко Славески е именуван за гувернер на Народната банка на Република Северна Македонија.
За Славески 68 пратеници гласаа „за“, а 16 беа против.
Во рамки на општата расправа и низа реплики и контрареплики пратениците изнесоа различни ставови при што пратениците од власта се фокусираа на неговата стручност и компетентност, додека, опозицијата на политичката припадност на Славески и визијата за независноста на институцијата.
Проф. д-р Трајко Славески е роден во Охрид во 1960 година. Тој е редовен професор на Економски факултет при универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје. Студирал на истиот универзитет, а бил на постдипломски студии во САД (Калифорниски државен универзитет 1986/87год. и на Универзитетот Харвард 1989/90 год.) Во 1997 година престојувал шест месеци на Државниот универзитет Аризона во Темпи, Аризона, САД, како визитинг професор.
Славески е ко-автор на првата Антиинфлаторна програма, важен документ при монетарното осамостојување на Република Македонија во април 1992 година во борбата со тогаш присутната хиперинфлација и воведувањето на националната валута – денарот.
Во минатото проф. Славески ги извршуваше функциите министер за развој (1999-2000) и министер за финансии (2006-2009) во Македонската влада. За време на извршувањето на функцијата министер за финансии во Влада на Република Македонија ја вршеше функцијата гувернер во Светска Банка и гувернер во Европска банка за обнова и развој.
Како член на Влада на Република Македонија има иницирано и водено бројни реформи во економскиот и финансискиот систем на земјата, како, на пример, воведување на рамниот данок (2007 г.), осовременување на системот за вршење на плаќања, интегрирана наплата на придонесите за социјално осигурување (системот бруто плата, 2009 г.) и др.
На локалните избори одржани во 2021 година беше носител на листа за советници на коалицијата за Обнова на Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ. На конститутивната седница на Совет на град Скопје, одржана на 17.11.2021 год, беше избран за претседател на Советот, функција што и денес ја извршува.
Проф. Славески е долгогодишен активен учесник во домашните јавни дебати за економски и финансиски прашања. Тој е исто така плоден автор на 8 книги (неколку во ко-авторство) и бројни статии во домашни и странски академски списанија, како електронски медиуми за пошироката јавност. во печатени и електронски медиуми за пошироката јавност.