Трајановски: Шилегов го заврши она што му е полесно пред избори, мегапроектот фаќа прашина во градските фиоки
Сега, за жал, на скопјани им останува агонијата од зголемениот сообраќаен хаос на овие две раскрсници додека не се заврши овој мегапроект за кој му оставив документација која фаќаше прашина низ градските фиоки, вели Трајановски.
Денеска скопјани добија уште еден проблем. Наместо прво да ги решава тесните грла, Петре го прошири пристапниот булевар кон нив, со што ќе се создаде уште поголема метеж на овие раскрсници, вели поранешниот градоначалник на Скопје Коце Трајановски.
– Булеварот Никола Карев завршува на старите семафори на раскрсницата со булеварот 8 Септември и улицата Качанички пат (Момин Поток). Проширувањето на „Никола Карев“ од касарната до Момин Поток беше секундарно заради големиот сообраќај кој сега ќе се донесе на едно од најтесните сообраќајни точки во Скопје – вели Трајановски.
Тој додава дека предуслов за проширување на овој дел од булеварот Никола Карев била изградбата на кружен тек на булеварот 8 Септември и улицата Скупи, односно кај „Тојота“ и „Хубо маркет“, 4 ленти се до клучката на две нивоа на Момин Поток т.е на булеварот Никола Карев, булеварот 8 Септември и улицата Качанички пат.
– Но Петре Шилегов си го заврши тоа што му е полесно зошто избори доаѓаат па треба да се пофали со нешто. Сега, за жал, на скопјани им останува агонијата од зголемениот сообраќаен хаос на овие две раскрсници додека не се заврши овој мегапроект за кој му оставив документација која фаќаше прашина низ градските фиоки – вели Трајановски.