Трајанов предлага измени за фер судење особено при монтирани судски предмети

Пратеникот предлага постапката да се повтори доколку е повредено начелото на презумпција на невиност, злоупотребени се системите за прислушување, користен е заштитен (лажен) сведок, злоупотребен е системот за распределба на судските предмети (АКМИС) или не е обезбедена еднаквост на „оружјето“ (презентирање на докази).

478

Комисијата за политички систем и односи помеѓу заедниците денеска расправаше за Предлог-Законот за преиспитување на факти и докази користени во судска постапка, поднесен од пратеникот од Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, при што го проследи во натамошна постапка.

Образложувајќи ја потребата од носење на законот, Трајанов нагласи:






– Со овој закон се отвораат можности за фер судење, при што за монтираните судски предмети ќе се отвори главен претрес на кој ќе се преиспитуваат користените факти и докази, но ќе има можност да се презентираат и нови докази.

Тој предлага постапката да се повтори доколку е повредено начелото на презумпција на невиност, злоупотребени се системите за прислушување, користен е заштитен (лажен) сведок, злоупотребен е системот за распределба на судските предмети (АКМИС) или не е обезбедена еднаквост на „оружјето“ (презентирање на докази).

Ова е исклучителна можност за корекција на неправдата, но и да се разобличи, улогата на политичките моќници, како и на полицијата, обвинителството и судот, смета Трајанов.

– Не се бара амнестија, помилување или аболиција, туку правна можност за преиспитување на судските одлуки, но во случаи каде се исполнети некои од овие услови односно судската одлука е заснована на несоодветна примена на законите, без релевантни факти и докази, без можност да се соберат докази итн. – вели Трајанов.

Комисијата заклучи да се организира и јавна расправа на која експертите ќе можат да ги презентираат своите стручни ставови.

Овој предлог закон е доставен во собраниска постапка на 12 ноември 2020 година. Во меѓувреме веќе е расправан со експерти, како и со претставници на Владата и невладиниот сектор.

Предлагачот е подготвен да прифати амандмани за номотехничко подобрување на текстот, како и за друг вид подобрување на законските решенија.

 

Поврзани содржини