ТРАЈАНОВ ПОВИКА ИТНО ДА СЕ УСВОИ ПРЕДЛОГОТ ЗА ЕДНА ИЗБОРНА ЕДИНИЦА Сите партии го поддржуваат предлогот, ама власта го блокира
Македонија треба да биде една изборна единица, побара денеска Павле Трајанов, претседател на Демократскиот сојуз и пратеник на прес-конференција во врска со измените на Изборниот законик.
– Македонија треба да биде една изборна единица, како клучен предуслов за демократизација на државата и промените кои ќе гарантираат коренити реформи, владеење на правото, борба против криминалот и просперитет на државата. Младите сакаат да живеат во држава со универзални вредности, институциите да функционираат, законите да важат за сите подеднакво, без привилегирани, без корупција и еднакви шанси за сите, како битни предуслови да не ја напуштат Македонија – изјави Трајанов.
Предлог-законот за измени на Изборниот законик со кои се предлага Македонија да биде една изборна единица, до Собранието беше доставен на 5 март 2021 година и подолго време е блокиран од СДСМ и ДУИ. Во комисиската расправа пратениците на СДСМ и ДУИ беа против измените, но на пленарната седница одржана на 14 јуни 2023 година гласаа „за“. Законот доби поддршка и од ВМРО-ДПМНЕ.
Согласно заклучоците, за предлог-законот имаше јавна расправа, но забелешки не се доставени, поради што, според Деловникот за работа на Собранието, треба да почне втората фаза, предлагање амандмани и гласање за усвојување на измените со кои Македонија ќе биде една изборна единица.
– Очекуваме најитно да се одржи расправа во Комисијата за политички систем и односи помеѓу заедниците, како и во Законодавно-правната комисија, со што ќе се создадат услови за расправа и одлучување на пленарна седница – дададе Трајанов.
Предлагачи на законот се: Павле Трајанов, Димитар Апасиев, Боби Мојсовски, Љупчо Балковски, Панчо Минов, Моника Зајкова, Борислав Крмов, Маја Морачанин и други пратеници.