Трајанов: Бугарија тактизира во преговорите со Македонија, исто како Грција
Не може да правиме отстапки од историските факти. Нашата грешка е што во договорот сме прифатиле да стои заедничка историја. И да била со добра намера сега Бугарија тоа го корист – рече Трајанов.
Лидерот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов во своето гостување во „Само вистина“, посочи дека Бугарија тактизира по примерот на Грција во однос на преговорите со Македонија.
– Ние сакаме исклучително добри односи со Бугарскиот народ и не ги загрозуваме нивните стратешки и внатрешни состојби. Тие ги разнишаа односите со нивната реторика. Треба да имаме национална стратегија, да има платформа која ќе помогне да се застапуваат решенијата од тоа. Не може една индивидуа да брани стратешки интереси. Бугарија го користи Договорот како оружје, дека ние истиот не го почитуваме. Главната цел на Бугарија е по примерот на Грција, да ги исечат корените. Оттаму, историјата е поголемо оружје и од атомската бомба. Погубна политика е да се разговара за јазик и историја. Никој во оваа земја не сака промена на уставното име, но во тој момент немаше подобро решение во поглед на Грција, а сега ЕУ сака да наметне притисок да се најде компромис со Бугарија. Нашата страна прави грешка, тргнувајќи од толкување на заедничка историја. Тие тези се неприфатливи, и потребен е консензус за да се оттргнат ваквите тези – истакна Трајанов.
Тој додаде дека само со силен политички притисок од ЕУ и САД ќе имаме придвижување во преговорите.
– За влезот во НАТО и ЕУ, ни беше посочено дека треба да се реши проблемот со Грција, никогаш не се спомена Бугарија. Со Грција немавме друго решение освен политичка храброст за да се смени името. Никој не сака да го смени уставното име, но тоа беше единственото решение. Сега и ЕУ отстапува од тој договор и упатува дека треба да се најде компромис со Бугарија. Не може да правиме отстапки од историските факти. Нашата грешка е што во договорот сме прифатиле да стои заедничка историја. И да била со добра намера сега Бугарија тоа го корист – рече Трајанов.