Српскиот фолк пејач Предраг Живковиќ Тозовац (85), веќе неколку недели лежи во болницата „Драгиша Мишовиќ“ во Белград, каде е хоспитализиран поради пневмонија предизвикана од коронавирусот, а сега за српски „Телеграф“ раскажал дека би сакал лекарите да го пуштат дома да умре.
Физичката состојба на славниот пејач во моментов е стабилна, меѓутоа психички не се чувствува добро, како што пренесуваат српските медиуми.
– Состојбата по примањето на кинеската вакцина ми се стабилизираше, но сега психички сум многу лошо. Не сум добро и верувајте ми одвај издржувам во болницата. Никој не може да ми дојде во посета, бидејќи ова е ковид-болница, а со мојата Мима се слушам само преку телефон и нејзе ѝ се жалам. Не знам како таа го поднесува тоа што сме разделени, се труди да не ме сеќира додека разговараме. Знам дека е така. Ужасно е чувството кога по цел ден слушате само како апаратите за кислород пиштат! Тоа ниту младите луѓе не би го поднеле, негативно влијае на психата. По цел дена само лежам и молчам, но тоа никој не ме прашува. Размислував да ги замолам лекарите да ме пуштат дома за достоинствено да умрам, но тоа не е возможно. Ниту јас на своја рака не можам да излезам, ниту е можно кој било да дојде да ме посети – раскажал пејачот отежнато, а потоа го пофалил персоналот кој се грижи за него, иако, како што вели, доста му е од болницата за цел живот.