ТОШКОВСКИ БАРА ДА НЕ СЕ ВРШИ ПРИТИСОК ВРЗ МВР Постапуваме исто со секого кој напаѓа полициски службеник
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на својот профил на Фејсбук напиша дека приведувањето на новинарот Фуркан Салиу е последица на извршен напад врз полициски службеници, припадници на Единицата за брзо распоредување кои биле ангажирани за одржување на јавен ред и мир на фудбалски натпревар кој бил оценет како натпревар со безбедносен ризик.
„По приведувањето на лицето Ф.С. извршен е преглед на автомобил во негова сопственост и во истиот е пронајден пиштол. Од страна на полициски службеници истиот е приведен во полициска станица каде ќе биде извршен разговор и ќе бидат преземени сите потребни мерки и активности за целосно расчистување и документирање на настанот.
Сакам да истакнам дека ја разбирам загриженоста на Здружението на новинари и Синдикатот на новинарите, но МВР мора да постапува еднакво кон секој кој ќе нападне полициски службеник, согласно утврдените законски процедури. Како министер досега покажав дека се залагам за транспарентност и отчетност за работењето на МВР и така ќе остане, но законите во државата мора да важат за сите подеднакво.
Во тој контекст ги повикувам политичките партии, здруженија, синдикати и сите други релевантни фактори да се воздржат од давање изјави и соопштенија со кои се врши притисок кон полицијата и да остават полициските службеници професионално да си ја завршат својата работа, без политика и исклучиво во согласност со Законот. Јавноста ќе биде целосно информирана за сите детали поврзани со овој случај веднаш по завршувањето на истрагата“, напиша министерот Тошковски.