ТОПЛИОТ БРАН ЌЕ РУШИ РЕКОРДИ Скопје, Гевгелија и Битола под најголем удар, температури до 42 степени
Од утре до сабота нѐ очекува вистински пекол, УХМР издава предупредување за опасни температури до 42°C и засилен ветер во западните делови.
Под влијание на топол бран, до сабота (26 јули) Македонија ќе биде зафатена од исклучително високи температури и сончево време со слаба до умерена локална облачност.
Како што информираат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), утре ќе дува умерен, а во западните делови повремено и засилен југозападен ветер, што дополнително ќе ја зголеми чувствителноста на високите температури.
Температурите значително ќе го надминат просекот за месец јули, а во некои региони ќе достигнат и до 42 степени Целзиусови. Според прогнозите:
– Во југозападниот, источниот и североисточниот регион се очекува температура меѓу 34 и 38°C,
– Во Полошкиот регион температурите ќе се движат од 32 до 38°C,
– Во Пелагонија се најавуваат екстремни температури од 38 до 40°C,
– Во Скопскиот, Вардарскиот и југоисточниот регион температурите ќе достигнат и до 42°C
Граѓаните се повикуваат да избегнуваат престој на отворено во најжешкиот дел од денот, да пијат повеќе течности и да се заштитат од директна сончева изложеност. Очекувањата се дека топлотниот бран ќе трае до сабота, по што е можно благо освежување.