ТОП КОНЦЕРТ ПО ПОВОД 77 ГОДИНИ МАКЕДОНСКА ФИЛХАРМОНИЈА „Убава Русија“ со Чајковски и Брамс, со талентираната виолинистка Солозобова

В четврток во 20 часот концерт со проминентни музичари, на годишнината од Филхармонијата, формирана на 24 ноември 1944 година.

449

Со концертот „Убава Русија“, на кој како солистка ќе настапи брилијантната руска виолинистка Марија Солозобова, а диригент е Конрад ван Алфен од Холандија, в четврток, во 20 часот, оркестарот на Македонската филхармонија ќе прослави 77 години од формирањето.

На програмата се Концертот за виолина и оркестар број 1 од П.И.Чajковски и Брамсовата Прва симфонија.






Концертот за виолина и оркестар бр. 1 на Петар Илич Чајковски, дело од 1878 година, прв пат е изведен три години подоцна, откако виолинистите сметале дека е невозможно да се отсвири. Прв изведувач е Адолф Бродски во Виена.

За Првата симфонија на Брамс не случајно се вели дека е и „десетта Бетовенова“. Брамс се смета за најголем продолжувач на музичката традиција на Бетовен.

Диригентот Конрад ван Алфен е уметнички директор и шеф диригент на Симфонискиот оркестар во Ротердам. Од 2005 до 2009 година, тој е шеф-диригент на Државниот симфониски оркестар „Сафонов“ во Русија, а во моментот е уметнички директор на Московското филхармониско здружение, во чии рамки редовно диригира со оркестрите од Москва, во познатата сала „Чајковски“.

Марија Солозобова е една од највпечатливите виолинистки на својата генерација. Нејзината кариера е во постојан подем. Активно настапува во некои од најпрестижните сали во светот како „Викторија хол“ во Женева, „Тонхале“ во Цирих, „Концертхаус“ во Виена, Големата сала на Конзерваториумот „Чајковски“ во Москва и други, каде што соработува со голем број еминентни диригенти.

Нејзиното свирење го опишуваат како комбинација од виртуоз на моќ, креативна спонтаност и елеганција. Репертоарот на Солозобова е разновиден и опфаќа дела од времето на барокот, на класицизмот и на романтизмот, па сè до дела пишувани во 20 и 21 век

Сви.ри на виолина изработена од Николо Гаљано во 1728 година.

Во рамки на прославата на 77 години од формирањето на Филхармонијата, во фоајето, од 26 ноември ќе биде поставена изложба на фотографката Маја Аргакијева, насловена Портретна симфонија“.

Филхармонија е формирана на 24 ноември 1944 година, непосредно по завршувањето на Втората светска војна и само 11 дена по ослободувањето на Скопје.

Поврзани содржини