ТОН ДРОГА ПОМИНАЛА НИЗ СКОПСКИ АЕРОДРОМ? Од ВМРО-ДПМНЕ прашуваат до каде е истрагата?
Како тоа пратка од 1 тон дрога ги поминала сите безбедносни и царински мерки и незабележливо била пропуштена да излезе од скопскиот аеродром, прашува Драган Ковачки, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Целосен молк од страна на надлежните институции за скандалот којшто вчера го објавивме, за шверц на 1 тон наркотични супстанци преку скопскиот аеродром. Mолчи Јавното обвинителство, молчи Оливер Спасовски и МВР, молчи и Царина преку која била пропуштена дрогата на аеродромот, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
– Нема одговори за скандалот како тоа пратка од 1 тон дрога ги поминала сите безбедносни и царински мерки и незабележливо била пропуштена да излезе од скопскиот аеродром. Нема одговори дали на царинските службеници усно или писмено им било наредено да не ја проверуваат пратката на скопската компанија за мобилна галантерија, која пристигнала од Дубаи. Исто така јавноста не доби одговори дали царинските работници под присила ги смениле своите изјави за непостапувањето за оваа пратка, со која во Македонија се внесе 1 тон дрога – порача Драган Ковачки, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Во јавноста тој изнесе и нови информации, за коишто посочи би требало да бидат интересни и за надлежните институции.
– Дали истиот ден откако пратката била пропуштена да излезе од скопскиот аеродром, пратката била товарена во превозни средства и истата била придружувана со царинска придружба со ротациони светла? Повторувам, придружувана од царински службеници со ротациони светла. Дали пратката на влез во Скопје била запрена од страна полицијата и при контрола и претрес е констатирано дека пратката не соодејствува со содржината која била внесена на товарниот лист и царинската декларација, при што истата е запленета? Дали полицијата при претресот запленила и два мобилни телефонски уреди на македонски царински службеници и дали врз истите се извршени понатамошните истражни дејствија, кои би можеле да укажат во учество во сторување на одредени кривично правни дејствија кои се поврзани со сомнителниот нелегален увоз на стоки и материјали – додаде Ковачки.