🎥 ТОМПСОН ЌЕ ГО ОДРЖИ НАЈГОЛЕМИОТ КОНЦЕРТ ВО ИСТОРИЈАТА – ЗАГРЕБ ПАРАЛИЗИРАН Како пејачот со усташка репутација успеа да ја донесе власта во публика?

Цените во Загреб експлодираа: паркинг место се наплаќа до 100 евра, двонеделен престој во стан за 5 лица чини и до 1.500 евра, а чување електричен тротинет достигнува 35 евра. Ниту кафулињата во близина не се изземени од трендот – не дозволуваат повеќе од 5 лица на една маса, а нарачките се нудат исклучиво во пакет-аранжмани, чии минимални износи почнуваат од околу 250 евра.

297

Кој има најмногу продадени билети за еден единствен концерт? Мајкл Џексон? Елвис Присли? Тејлор Свифт?

Дали сте слушнале за Марко Перковиќ – Томпсон? Хрватскиот музичар, кој честопати е во центарот на контроверзии поврзани со фашизам, овој јули ќе ги засени имињата како Ролинг Стоунс, Пол Мекартни и Тина Тарнер кога станува збор за бројот на продадени билети.






До неодамна, рекордот го држеше италијанскиот поп-рок музичар Васко Роси – познат само како Васко – кој во 2017 година настапи пред 225.173 обожаватели на концертот во паркот Енцо Ферари во Модена. Сега, на пат да го собори тој рекорд e хрватскиот пејач Марко Перковиќ – познат како Томпсон, чиешто познато дело започнува со повикот „За дом спремни!“ и е хрватска верзија на нацистичкиот поздрав „Зиг хајл“.

Овој 58-годишен рокер, чија публика честопати скандира „Убиј Србина“ и „Усташе идемо“ (повикување на хрватската фашистичка и ултранационалистичка организација), ќе настапи на сцената на Загрепскиот хиподром на 5 јули, објави Јуроњуз.

Според најновите извештаи, концертот на површината од 47 хектари на хиподромот досега има продадено импресивни 281.774 билети за помалку од 24 часа – што го прави најпосетениот концерт со платен влез во историјата, надминувајќи ги рекордите на Пол Мекартни во 1990 година во Рио, и на Тина Тарнер во 1988 година на нејзината легендарна турнеја „Брејк еври рул“, исто така во Рио.

Има повици за забрана на концертот, но евичарскиот градоначалник на Загреб, Томислав Томашевиќ, ги отфрли истите, велејќи дека тие се „контрапродуктивни“.

Дванаесет болници се ставени во состојба на готовност за да одговорат на очекуваниот пораст на пациенти за време на концертот на Томпсон во сабота, додека, пак, илјадници полицајци ќе бидат распоредени за да управуваат со големата навалица во град кој веќе е преполн со летни туристи.

Покрај хиподромот ќе биде поставена и теренска болница со 200 кревети, со 50 доктори и медицински сестри, а фановите се предупредени да се подготват за летни горештини. Загрепскиот хиподром претходно бил домаќин на големи концерти на славни изведувачи, вклучувајќи ги Металика во 2010 година (над 30.000 посетители), Ед Ширан во 2024 (70.000) и Ролинг Стоунс, кои во 1998 година привлекоа повеќе од 80.000 луѓе на својот концерт „Bridges To Babylon“ – првиот голем концерт во независна Хрватска.

Извор запознаен со организацијата на концертот на Марко Перковиќ Томпсон, тврди дека целото подрачје на Бундек, кое се наоѓа од другата страна на улицата спроти Хиподромот – поширока и од скопската Партизанска – е целосно закупено и претворено во фан-зона. Просторот ќе служи како дополнителна поддршка за десетиците илјади посетители.

Целата околина е под целосна блокада уште од петокот, велат извори од терен. Жителите на блиските населби не можат ниту да излезат ниту да влезат, а во градот циркулираат конвои од возила на Брзата помош.

Цените се вивнати до небо: паркинг место чини до 100 евра, наем на стан за 5 лица за 2 дена достигнува 1.500 евра, а чување електричен тротинет се наплаќа и по 35 евра.

Ни околните кафулиња не остануваат зад случувањата – не дозволуваат повеќе од петмина на иста маса, а нарачките се во форма на „пакети“, чијашто минимална цена изнесува околу 250 евра.

„Луѓето го обожуваат“

Компанијата која ги продаваше билетите, „Ентрио“, изјави дека е „крајно горда“ што успеала ефикасно да се справи со „една од најкомплексните продажби на билети за еден концерт во светот“.

„Инженерскиот тим на ‘Ентрио’ работеше речиси 30 часа без престан, за време на невиден наплив на фанови кои сакаа да купат билети, оптимизирајќи ја серверската инфраструктура, решавајќи бројни технички проблеми, максимизирајќи ја продажбата, одбивајќи 3 сериозни хакерски напади и истовремено одржувајќи стотици други настани што се продаваа на три пазари“, се наведува во соопштението на компанијата.

 

Според „Ентрио“ една третина од фановите се помлади од 28 години. Полицијата соопшти дека се очекуваат најмалку 450.000 луѓе – што го прави најголемиот концерт во историјата на Хрватска, објави Франс 24.

– Луѓето го обожуваат поради патриотските песни и поради љубовта кон Хрватска – изјави 22-годишниот Никола (кој не го откри своето презиме) за агенцијата AFP пред концертот.

Овој студент ги игнорира усташките повици од Томпсон и вели дека тие само го рефлектираат „военото време“ во кое песната е создадена.

– Јас дури ни не сум бил роден кога е издадена песната – рече тој.

Менаџерот на Томпсон, Здравко Баришиќ, изјави за локалните медиуми дека е „непримерно“ Томпсон да се обвинува за симпатии кон усташите и дека тој организира „концерт, а не политички митинг“.

Политичкиот врв на концертот на Томпсон

Видни хрватски политичари, исто така, ќе присуствуваат на утрешниот концерт на Марко Перковиќ Томпсон на загрепскиот Хиподром, меѓу кои и потпретседателот на Владата и министер за одбрана, Иван Анушиќ, кој потврди дека ќе оди со семејството и нагласи дека влезниците ги набавил како обичен граѓанин, објави хрватски 24 сата.

И претседателот на Собранието, Гордан Јандроковиќ, ќе биде дел од публиката, а концертот го најавија и неколку други функционери, меѓу кои министрите Томо Медвед и Иван Шипиќ, како и пратениците Анте Деур, Иван Пенава, Маријан Павличек, Хрвоје Зекановиќ, Јосип Дабро и Никола Грмоја. Последниот изјави дека првично не планирал да оди, но решил да присуствува бидејќи концертот, како што рече, добил поголемо значење од обична музичка манифестација.

Од друга страна, некои политичари нема да бидат дел од публиката. Пратеникот Дарио Хребак најави дека ќе биде отсутен поради семејни обврски, но нагласи дека нема ништо против музиката на Томпсон. Премиерот Андреј Пленковиќ, пак, изјави дека сѐ уште размислува дали ќе оди, поради, како што рече, претходно закажани семејни обврски.

„Патриотски набој“

Во последниве години, во Хрватска се забележува пораст на толеранција кон прославувањето на пронацистичкото минато, а критичарите обвинуваат дека властите не преземаат ништо против употребата на усташки симболи.

Усташите за време на Втората светска војна прогонувале и убија стотици илјади Срби, Евреи, антифашистички Хрвати, Роми и други во концентрационите логори.

Иако таканаречената Независна Држава Хрватска била нацистичка марионетска држава, нејзините модерни симпатизери ги сметаат лидерите на тој режим  за „татковци на хрватската нација“.

Центарот Симон Визентал, водечка еврејска организација за човекови права, го обвини Томпсон дека преку своите текстови слави геноцид и посочи дека присуството на усташка симболика на неговите концерти не е „случајно ниту грешка“.

Но, историчарот Хрвоје Класиќ изјави за дека популарноста на пејачот не значи дека во општеството расте поддршката за крајната десница.

– Огромното мнозинство од фановите го доживуваат Томпсон како патриот кој промовира традиционални вредности како татковината, верата и семејството. Хрватското општество традиционално благо се наклонува кон десницата, со патриотски набој – изјави Класиќ.

Сепак, на последните парламентарни избори, Домовински покрет (ДП) – партија позната по својот националистички и антимигрантски дискурс – влезе во владејачката коалиција.

Кој е Марко Перковиќ – Томпсон?

Марко Перковиќ – Томпсон е хрватски пејач, текстописец и фронтмен на рок-групата Томпсон, роден на 27 октомври 1966 година во селото Чавоглави. Името „Томпсон“ го добил како борец во Хрватската војна за независност, по американската автоматска пушка Томпсон, која ја користел на фронтот. Неговата група е етно-хард рок состав, формиран во 1991 година, со членови Томислав Мандарич, Иван Иванковиќ, Дује Ивиќ и Ивица Билиќ – Ике, а денес функционира од Загреб.

Бендот стекна широка популарност во Хрватска уште во воените години со синглот „Бојна Чавоглаве“, во кој првата строфа започнува со усташкиот повик „За дом – спремни!“. Во 1992 го објавија првиот албум „Моли мала“, а следеа и други комерцијални успеси, вклучувајќи ја песната „Пријатељи“ во 1998 година. За неговите концерти се вели дека комбинираат народна и рок музика со силно изразен патриотски и националистички набој.

Томпсон има забрана за настап во неколку земји поради симпатиите кон усташкиот режим од Втората светска војна.

Контроверзиите: песната „Јасеновац и Стара Градишка“

Меѓу најконтроверзните точки во кариерата на Томпсон е песната „Јасеновац и Стара Градишка“, за која медиумите и антифашистичкиte организации тврдат дека ја има изведувано на концерти. Песната отворено ги слави усташките масакри и злосторствата во логорите Јасеновац и Стара Градишка за време на Втората светска војна, каде се убиени десетици илјади Срби, Евреи, Роми и антифашисти. Поради тоа, пејачот е обвинуван дека индиректно промовира геноцид и фашизам.

Во 2003 година, хрватскиот новинар Матија Бабиќ јавно ја осуди изведбата на песната и го критикуваше општествениот третман на Томпсон како „мејнстрим уметник“. Во 2007 година, израелскиот историчар Ефраим Зуроф напиша дека концертите на Томпсон се претвораат во манифестации на екстремен национализам, со публика која носи усташки симболи и маици со ознаките на Црната легија, а некои и даваат нацистички поздрави.

Иако Перковиќ на моменти ја признавал, а подоцна ја негирал изведбата на спорната песна, во своја одбрана постојано повторува дека тој е „музичар, а не политичар“. Организаторите на неговите концерти во САД дури тврделе дека песната не е негова авторска и не се наоѓа на ниеден од неговите официјални албуми.

 

Поврзани содржини