Токсични агенди

И секоја со своја токсична агенда, а сите заедно со најтоксичната – „не“ на промените! Зашто, уште од 1992 година, тие воопшто и немаа намера да се ориентираат кон разбирање на новото, демократијата и нејзините придобивки – што за нив во суштина беше непознато! – туку непознатото го давеа во морето на познатото, она на соцреализмот и личните привилегии. Тоа е инстинктот што го спомнува и Ниче во „Воља за моќ“: непознатото да се сведе на познато, да се задржи стариот систем во ново руво, да се нашминка демократијата со нивните омилени бои на соцреализмот!

63

Во овие три децении ние „проживеавме“ векови, илјадници години човечка историја и филозофија, и повторно – не научивме ништо. Пролетуваа покрај нас и Аристотел и Черчил, Кант и Хегел, Монтескје и Хобс, Бадинтер и Карни, „Монд“ и „Политико“…, се истураа „мисли“ и ветви фрази од устите на разноразни полуинтелигенти и политиканти, сматуфени професорчиња и потпросечни новинарчиња, самопрогласени аналитичарчиња и лумпенкултурњаци…, а сите до една искривени од злонамерност и неискреност, прилагодени на лични или групни лукративни интереси. Токсични влијанија од токсични луѓе со уште потоксични агенди!

Ширеа лаги и полувистини, партиски прокламации и политикантски рецитации, го труеа етерот со неморал, неукост, и „интелектуално“ силеџиство. Одеднаш на секакви типови им е дозволено да навредуваат и омаловажуваат сѐ и секого, од Претседателка на држава надолу, да пелтечат за работи што не ги разбираат држејќи ни некакви Кајафовски лекции и обвинувајќи го системот којшто, „забораваат“, го наследивме токму од нивната криминална „елита“ што Пилатовски мешетареше цели седум години.






Други пак и за тоа имаат „рецепт“: „браќата“ од сегашната власт требало „да ги апсолвираат“ сите „аспекти и решенија“ уште пред да дојдат на власт, а не отпосле. Што ќе рече тие морале однапред да ги предвидат сите криминали на претходните слепци и во од да ги решаваат, за само неколку месеци, за да не се случуваат трагедии како Кочани. Какви муфљузи!

Една друга пак клиентелистичка навивачка хористка, како за казна, нѐ пика во некаква „коњушница“ бидејќи не ни се допаѓа(ше) нивното соцреалистичко коруптивно трло!

Затоа, повторно: глупоста останува блажено неартикулирана меѓу неинтелектуалците во Македонија, но станува неподносливо агресивна меѓу ’интелигентните’ луѓе во Северна Македонија!

Истата „процедура“ се преповторува и во однос на нашите „славни“ евроинтеграции: сѐ што на некој официозус од онаа одамна провинциска еу (малите букви се…) политичка „елита“ ќе му се види како „проблем“ во Македонија, локалниве слепци го мултиплицираат во токсична агенда со којашто со недели и месеци ја трујат јавноста.

Дури и една Марта Кос или Каја Калас ни стануваа(т) некаков европски цивилизациски репер, или онаа од Данска која бара „длабоки удари“ на нато (малите букви се…) врз Русија, па и зевзекон Руте сосе неговата веќе чуена сервилност кон новооткриениот му „татко“ им станува прв пријател… итн.

Ни го подметнуваат дури и парадоксалниот извештај на Европскиот парламент на оној „господин“ Вајц којшто за македонскиве политикантски шушумиги станува нов Устав, а диктатот за некакви сомнабулни токсични влијанија не само од Русија туку дури и од Кина, а особено од СНС на Вучиќ, се нивно „добро утро“ со коешто си отпоздравуваат нивните улични паролаши! Ама никој да спомне за токсичните бранови од Бугарија? Нив ги нема или тие не ги чувствуваат? А можеби и не се токсични туку им мирисаат на „розово масло“?!

Се разбира, ние не би биле Балкан, особено не Македонија, да нема токсични бранувања низ етерот, од различни извори. Локални, со произведство на афери, полувистини и простотилаци, и надворешни, главно еу диригирани, со доза на заплашување, убедување, потсмевање, инструирање… Не знаеме што е полошо, подегутантно, спротивно на здравиот разум, на елементарното воспитување и цивилизациските стандарди.

Локалната „токсикологија“, ако се изземе онаа опозициско-политикантска секта којашто одамна нема што ново да каже, актуелно е концентрирана во неколку забетонирани соцреалистички тврдини во стилот на некогашните окупациски митралески бункери, меѓу кои најтврдокорни се судството, уким (малите букви се…) и здравството.

Или „трите тоги“ со препознатливи бои: црна како најсоодветна за судството, бела како виц за македонското здравство, а универзитетот – поточно токму уким – премачкан со сите бои! И секоја со своја токсична агенда, а сите заедно со најтоксичната – „не“ на промените! Зашто, уште од 1992 година, тие воопшто и немаа намера да се ориентираат кон разбирање на новото, демократијата и нејзините придобивки – што за нив во суштина беше непознато! – туку непознатото го давеа во морето на познатото, она на соцреализмот и личните привилегии. Тоа е инстинктот што го спомнува и Ниче во „Воља за моќ“: непознатото да се сведе на познато, да се задржи стариот систем во ново руво, да се нашминка демократијата со нивните омилени бои на соцреализмот!

Така непознатото – поточно демократијата, барем онаа од западен тип којашто наводно ја чекаме/бараме – ќе го прилагодиме на познатото, замисливото и ним повеќе потребното! Зашто, кому де факто – освен на граѓанинот – му е потребна таа демократија? Ним сигурно не, бидејќи тие „се хранат“ од други извори, имаат „пофункционални“ методи за остварување на сопствените цели.

А граѓанинот? Па тој, таков каков е, ќе се задоволи и со сервираниот токсичен сурогат, со замената, и повторно ќе биде – мирен. Кај нив идеалот на демократијата не е задоволен и среќен граѓанин туку оној кој е диазепамиран или деметризиран. летаргичен, нем и кроток…, и не се меша во нивните „работи“!

И таа токсикологија трае до денес, бидејќи ни на власта – која и да е и каква и да е – функционалната демократија не ѝ потребна. Затоа ниту една власт до сега не успеа да ги демаскира, уште помалку да ги порази тие соцреалистички тврдини, тој реликт на „трите тоги“, заради простата причина што на секоја власт ѝ се потребни (да не речам неопходни) јатаци во тие дувла-тврдини кои, кога ќе затреба, ќе ја спроведуваат нивната воља и, доколку затреба, ќе им ги отворат тајните подземни премини.

Затоа, впрочем, ниту една власт не се осмелува сериозно да чепне во судската тврдина туку успева делумно да ја држи под опсада – но до кога? – со финансиската зависност; затоа и универзитетот крека за автономија и сигурност небаре само тие се од господа дадени со работни места доживотно гарантирани; затоа здравството полека напредува со „концептот“ на непензионирање заради дефицитарност… итн., итн.

И тоа се (дел од) токсичните агенди што ја држат државата во расчекор, ја черечат долж и попреку играјќи на картата на зависност на политиката од нивните прескапо платени услуги. Кога на таква плодна за криминал и корупција почва ќе ги накалемите и оние надворешни, таканаречени еу а всушност дисонантни „мелодии“ на пеачкото друштво викано европска комисија, тогаш нештата сериозно стануваат отровни. За сите, но за граѓанинот особено. Зашто другиве поуспешно ќе го преживуваат соцреалистичко-демократическиот „холокауст“ со помош на „стручните“, „експертските“, финансиските… достапни малверзации и махинации, за жал многу често помогнати токму од власта.

Поврзани содржини