Имало или немало разговори помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ за формирање широка коалиција, непосредно пред настаните на 27 април 2017 година?
Никола Тодоров, тогашен висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ, тврди дека такви разговори имало. „Ова прв пат го зборувам. Ние имавме разговори за широка коалиција и затоа тој ден бев многу нервозен и растревожен. Ние бевме на добар пат за таа широка коалиција, која требаше да ја стави државата на патека за членство кон ЕУ и НАТО“, изјави тој на судското рочиште во предметот во кој се обвинети функционери на тогашната ВМРО-ДПМНЕ дека биле наводни „организатори“ на насилствата во парламентот од ВМРО-ДПМНЕ.
На општо изненадување на јавноста, премиерот Зоран Заев го демантираше Никола Тодоров и го доведе во непријатна ситуација да мора да го докаже своето смело тврдење, или да ризикува да биде обвинет за лажно сведочење. „Со мене пред 27 април и на 27 април не е разговарано за широка коалиција. Можеби со некој друг тогаш разговарале“, изјави Заев за порталот Фокус.
Според она што јас го имам слушнато за оваа мистерија, можеби на оваа тема би можел да посведочи актуелниот министер за внатрешни работи, со кого, според шпекулациите што допреа до мене, Никола Тодоров водел разговори за формирање широка коалиција. Ако Заев тврди дека не знаел ништо за тие разговори – а овој пат сум спремен да му поверувам – тогаш се поставува во чие име разговарал Спасовски. Дали широка коалиција се токмела зад грбот на Заев? Ако, пак, Спасовски демантира дека разговарал со Тодоров на оваа тема, тогаш поранешниот омилен Грујов министер ќе мора да соопшти повеќе детаљи и аргументи, за да го поткрепи своето сведочење. И да докаже дека не е лажно.
Тоа сведочење не е само придружна приказна за јавноста гладна за сензации, туку може да биде и клучен доказ во случајот „Организатори на настаните од 27 април“. Зошто партијата што можеби навистина водела разговори за широка коалиција со СДСМ би имала потреба да организира насилства во парламентот, за да се спречи трансферот на власта?
Збор имаат Оливер Спасовски и Никола Тодоров. И внимателно, ве молам. Не е добро да се лаже. Една стара поговорка вели – кој лаже, тој краде, а и вошки има!