Тоа што молчите за антимакедонските тиради на Тричковски значи само едно – немате доволно самопочит и за себе и за својот народ!
Не е важен македономрзецот Бранко Тричковски. Но, важно е она што тој го кажува, важни се тие токсични наративи. Ако не им се спротивставиме, ќе потврдиме дека тој е во право – дека навистина сме дрво без корен, дека македонски народ историски не постои, дека сме нација што треба да се преименува за Европа да го признае нејзиниот нов идентитет.
Често пати, на Фејсбујк и поретко во колумни, ја предупредувам јавноста на грубиот антимакедонизам во тирадите на познатиот македономрзец Бранко Тричковски, еден од носечките пропагандисти на СДСМ. Како што е познато, тој отворено пишува дека македонскиот народ во историска смисла не постои, ги поддржува идеите за формирање некаква „северномакедонска“ нација и јавно ги понижува не само македонските револуционери и преродбеници, туку и македонските автори во разни области на уметничкото творештво.
Ги понижи Петре М. Андрeевски, Гане Тодоровски, Анте Поповски и Горан Стефановски
Пред два дена, во пост на Фејсбук, овој налудничав тип јавно ги понижи македонските поети Петре М. Андреевски, Гане Тодоровски и Анте Поповски, како и драмскиот писател Горан Стефановски.
„Петре (М. Андреевски) – пишува македономрзецот – е симпатична фигура на македонската национална конституција, заедно со целата своја генерација, но на уметнички план и Андреевски и другарите од кај ’Јоле‘, ’Вардар филм‘ и ’Букет‘, се пристојни средношколски поети, чие писателство, посветено на народот ги ослободи од можните високи уметничките дострели.
Никогаш нема да откриеме какви биле вистинските потенцијали на Петрета, но затоа знаеме дека делата што ги пријави во конкретните услови, се пристојно и поздравително државотворни и повеќе од скромни во уметничка смисла.
Како и на Гане (Тодоровски), Анте (Поповски) и на другите великани на ударните бригади на македонското писателство …
Дури и еден Горан (Стефановски) е во таа категорија. Малку над, но, сепак чисто македонски приземјен …“
Бидејќи ја мрази Македонија и сè што е македонско, Тричковски „по дифолт“ ги мрази и сите автори од „македонското писателство“. Затоа што се Македонци, затоа што се посветени на народот и се „македонски приземјени“.
На Фејсбук ја предупредив јавноста на оваа најнова Тричкова антимакедонска тирада. Покрај очекуваните и најчесто неумерени критики на сметка на македономрзецот (за волја на вистината, таков е и мојот пост за бардот од Бардовац), повторно, по којзнае пат, читам и мислења дека на овој човек не треба да му се придава значење, дека не треба да се коментира и така да се популаризираат неговите токсични ставови.
Време е да објаснам зошто таквиот начин на гледање на нештата, всушност, го храбри и го поттикнува антимакедонизмот во јавниот дискурс.
Дали Петар Арсовски е член на драмската секција на дрводелското училиште „Димитар Влахов“?
Како што е познато, стотина редовни „лајкачи“ ги поддржуваат и ги споделуваат ставовите на Бранко Тричковски. Интересно е дека меѓу нив е и еден извонреден македонски актер, кого лично го познавам и за чиј придонес на актерската сцена навистина имам исклучително високо мислење. Станува збор за Петар Арсовски. Другарот Перо е еден од луѓето кои веројатно чувствуваат политичка, идеолошка, можеби и некаква друга персонална блискост со Тричковски, па и не е изненадување тоа што неговиот палец (лајк) не пропушта ниту еден пост на бардот од Бардовац.
Сепак, неговиот лајк за последната тирада за мене беше едно големо изненадување. Ќе објаснам зошто.
Другарот Перо долги години е присутен на сцената и сè уште е активен. Му посакувам добро здравје и уште многу улоги. Неговите епизодни ролји во култните филмови „Среќна нова ’49“ и „Тетовирање“ на Столе Попов, но и во „Сенки над Балканот“ на Драган Бјелгогрлиќ (хм, не беше ли Бјелогрлиќ дел од оној „српскиот свет“?), се многу значајни актерски остварувања.
Е сега … Ако се следи Тричковата „логика“, може да е проблем тоа што Арсовски играл и во филмовите „Македонскиот дел од пеколот“ (знае Перо, претпоставувам, какво е мислењето на Тричко за сценаристот Славко Јаневски), „Истрел“ на Бранко Гапо и „Трето полувреме“ на Дарко Митревски (двата филма сигурно не се во духот на оној, на Тричкота љубимиот, Договор за добрососедство со Бугарија), во неколку театарски претстави во режија на Владимир Милчин (кого Тричко го мрази од дното на својата посрана душичка, можеби и повеќе од мене), па дури и во претставата „Бунт во домот за старци“ на Венко Андоновски (е ова е веќе многу сериозен гаф).
Сепак, најчудно е тоа што другарот Перо има остварено забележителна улога во филмот „Најдолгиот пат“, чиј сценарист – каква трагична коинциденција! – е токму оној „средношколски поет“ Петре М. Андреевски.
И што правиме сега? Ако сценаристот Петре М. Андреевски е „средношколски поет“, дали тоа значи дека актерот Петар Арсовски не е одличен македонски актер, со репутација што го надминува македонското глумиште, туку сепак само некој случаен актер, статист, чии уметнички дострели можат да се споредат со оние на еден обичен, не многу талентиран, член на драмската секција на дрводелското училиште „Димитар Влахов“?
Кога лајкот е демонстрација на отсуство на самопочит
Лајкот на Петар Арсовски за антимакедонската тирада на македономрзецот Бранко Тричковски е демонстрација на едно, за мене целосно неразбирливо отсуство на самопочит, не само кон неговото апстрактно својство на Македонец, туку и кон неговото богато и признато актерско творештво.
Му се извинувам на другарот Перо што го спомнувам во еден ваков контекст и го уверувам дека и натаму останувам фан на неговите незаборавни улоги, на кои често се потсетувам, бидејќи имам навика да гледам стари и добри филмови, повторно и повторно …
Поентата ми беше во тоа дека толерирање на било чиј антимакедонизам, а особено на антимакедонизмот на Македонци кои се експонираат како македономрзци – од лукративни, или поради којзнае какви други причини, можеби поврзани и со нивните утврдени или утврдени психијатриски дијагнози, на пример – е знак на недостиг на самопочит на Македонците кон сопствениот идентитет и хабитус.
И да бидам прецизен: кога велам Македонците, мислам и на Албанците и на припадниците на сите други народи со кои живееме заедно во оваа земја. Јас, на пример, во целиот свој живот имам прочитано одвај неколку книги од албански автори (премалку), но многу добро знам кој е Наим Фрашери. Како млад, неколку месеци учев албански јазик и ја рецитирав песната „Јазикот наш“ („Ѓуха јон, са е мир, са е ембел …“) Никако не би пропуштил јавно да се побунам, ако некој овој значаен лик на албанската преродба утре го нарече „средношколски поет“, или го омаловажи на друг начин.
Затоа, сите ги повикувам на нулта толеранција за антимакедонството и на јавна осуда на македономорзците.
Нулта толеранција за тој отров!
Му доаѓа на човек да ни рече – солзи немам да ве исплачам колку сте за жалење!
Се разбира, не повикувам на никакво насилнички или други репресивни обиди да се унакажат и унесреќат ликовите како нашиот бард од Бардовац. Ни експлицитно ни метафорички не му посакувам никакво зло, особено поради фактот што тој веќе е доволно унакажан и унесреќен, по сопствена вина.
Но, јавно повикувам да не му молчиме.
Имаат ли Петре М. Андреевски, Гане Тодоровски и Анте Поповски свои најблиски, свои пријатели по перо, свои почитувачи? Ако имаат, како дозволуваат еден ваков идиот да ги навредува големите македонски поети?
Има ли Горан Стефановски свои почитувачи, луѓе кои ги сакаат неговите драми, кои се сеќаваат на најубавите реплики од „Диво Месо“, од „Лет во место“ и од неговите други култни остварувања?
Ако молчиме сите, како што молчат повеќето од нас, можеби навистина сме заслужиле да сме биле „издркани во чаша“, како што се вели во онаа моќна реплика од „Диво месо“ на „македонски приземјениот“ Горан Стефановски. Еве, да потсетам на таа реплика:
„Да знаев какви ќе излезете, ќе ве издркав во чаша. Ебави младоста. Сè ќе запустите. Не признавате ни ѓавол ни бог. Немате ред ни во главите, ни во телата. Сè на своја рака, со првиот ветер, како муви без глава. Мислите сè што лета се јаде. Европа ве бара! Ѝ се прди на Европа за вас. Воздивнувате по Германија! А таткото што ги изгубил нозете за вам да ви направи куќа е помија што не знае два и два и им пречи на Европјаните да направат кариера. Не знаете да се чувате. Живеете на вересија. Ќе загинете по некои дупки, ќе ве изедат пајажини, името ќе ви се запусти, трага нема да остане од вас. Солзи немам да ве исплачам колку сте за тажење“.
Да, кога гледам како молчиме и гувееме пред македономрзецот, а некои од нас и се придружуваат кон неговите антимакедонски тиради, на човек навистина му доаѓа да рече – солзи немам да ве исплачам колку сте за жалење!
Можеме многу нешта да сториме и како читатели чии родољубиви чувства се повредени
А можеме многу да сториме. И како читатели. Лага е дека сме немоќни и дека реакциите се бесмислени.
Еве, да ве потсетам. Јас го ангажирав Бранко Тричковски да биде колумнист во „Слободен печат“ и јас го избркав кога посака грубо да нè навредува мене и Милчина, да биде нешто како уредник во сенка. Подоцна, кога јас веќе не бев таму, уредништвото на весникот побрза да го врати на колумнистичките страници, но потоа го избрка поради негов излив на антисемитизам. На тој потег му претходеа силни реакции во јавноста.
Не треба да оставаме нештата да се случуваат сосема случајно. На медиумите кои ги објавуваат Тричковите антимакедонски тиради треба да им пишуваме протестни писма и коментари. Мора често да им кажуваме на уредништвата дека неговиот говор на омраза ги повредува нашите патриотски чувства. И дека е тоа важно.
На македонските фактчекери и вистиномери, чија мисија е да ги утврдуваат фактите, треба да им кажуваме дека вредноста на нечие уметничко творештво се утврдува и како историски факт, а фактите не подлежат на „усогласување“ со мислењата на исфрустрирани ликови како Тричковски. На пример, непобитен факт е дека Шекспир е голем и светски признат драмски автор и поет. Не постои мислење што може да го побие тој факт. Како што не може мислењето на бардот од Бардовац да го побие фактот дека Петре, Гане и Анте се врвни и признати македонски поети, а Горан врвен драмски автор. И затоа, од луѓето кои добиваат странски пари за да верификуваат факти и да бришат постови од Фејсбук ако утврдат дека се лажни вести, треба да бараме во овој случај да извршат непристрасно фактчекирање.
На социјалните мрежи треба да го рапортираме говорот на омраза, без оглед од кого доаѓа. Не може Бранко Тричковски да биде поштеден само затоа што некој мисли дека бил луд и дека не требало да му се обрнува внимание. Ако е луд, за себе е луд и како таков, можеби претставува проблем на здравствениот систем.
Постојат легални и легитимни средства на борба против говорот на омраза – зошто не ги користиме?
Луѓето кои се навредени или наклеветени треба да поднесуваат граѓански тужби за клевета, а организации од граѓанскиот сектор треба да им пружаат бесплатна правна помош. Во случаите кога Тричковски шири говор на омраза, а понекогаш и закани, засегнатите треба да поднесуваат кривични пријави, а медиумите да вршат легитимен јавен притисок врз обвинителствата да ги процесуираат тие кривични пријави, а не да го штитат македономрзецот.
Повикувам, значи, на легитимни средства на борба против лажните вести и против говорот на омраза, со кои овој исфрустриран човек со години ја труе македонската јавност, ги омаловажува настаните и светлите ликови од нашето минато, ги понижува нашите писатели, поети и уметници од разни области и отворено неказнето мрази сè што е македонско.
Ако не му се спротивставиме, ќе докажеме дека тој е во право – дека навистина сме дрво без корен, дека македонски народ историски не постои, дека сме нација што треба да се преименува за Европа да го признае нејзиниот нов идентитет.
Ако ние не се почитуваме самите себе, од кого очекуваме да нè почитува?