„ТОА Е РЕАЛНОСТА“ Без промена на Уставот нема напредок кон ЕУ, смета Пендаровски

Ние можеме во рамки на кампањата да зборуваме за бугарски диктати и чуда, дека само како Бугари можеме да влеземе во ЕУ, тоа е само политичка мантра за замајување на народот додека на дојдеш на власт. После тоа ќе се соочиш со барањата на потенцијалниот албански фактор кој ќе ти каже уставни измени за три, за шест месеци, па ќе одиш во Брисел и таму ќе ти кажат дека нема промена на преговарачката рамка, изјави Пендаровски во гостување на „Топ Тема“.

263

Политичкиот реализам е дека без промена на Уставот нема напредок кон ЕУ, изјави претседателот Стево Пендаровски во „Топ Тема“ на Телма. Според него, во односите меѓу Македонија и Европската унија, постои нов политички реализам а тоа е дека ние сме само-блокирани како држава на европскиот пат:

– Кој е новиот реализам? Ние за жал сме блокирани и знаеме заради што, главната опозициска партија вели во ниедна варијанта не гласаме за тоа под бугарски диктат и така натаму. Ако е тоа новиот реализам, значи дека ние сме самоблокирани. Дајте да искористиме што повеќе од овој амбициозно најавуван План за раст на Западен Балкан во кој има далеку повеќе фондови на располагање, сè додека на опозицијата не ѝ текне дека без промена на Уставот нема членство во ЕУ и сè додека не се случи тоа да искористиме барем повеќе од тие фондови кои се наменети за оние кои се самоблокирани како нас. Ние можеме во рамки на кампањата да зборуваме за бугарски диктати и чуда, дека само како Бугари можеме да влеземе во ЕУ, тоа е само политичка мантра за замајување на народот додека на дојдеш на власт. После тоа ќе се соочиш со барањата на потенцијалниот албански фактор кој ќе ти каже уставни измени за три, за шест месеци, па ќе одиш во Брисел и таму ќе ти кажат дека нема промена на преговарачката рамка – порача Пендаровски.






Во однос на ставот на ВМРО-ДПМНЕ за измените на Уставот, Пендаровски вели дека тоа се прави само поради собирање на политички поени, а заради тоа свесно го блокира процесот на интеграција.

– Завчера имаше интервју на човек од германската ЦДУ, сестринска партија на ВМРО-ДПМНЕ кој дошол овде да им помогне и им вели овој е патот. Јас сакам да им кажам: Оставете ја кампањата, јасно ми е зошто го правите ова, бидејќи на тоа прашање добивате политички поени, на друго не добивате. Но сега, дајте соочете се со овој нов политички реализам. Срамота е ако Украина, Молдавија и Грузија и Босна и Херцеговина стануваат кандидатки ние тамам кога направивме некој напредок, сега да се враќаме назад заради вашиот став дека само како Бугари ќе влеземе во ЕУ, што е апсолутна небулоза. ВМРО-ДПМНЕ има и друга теза вели дајте ќе го промениме Уставот денес ама, промените ќе важат кога ќе станеме членки. Дали тоа може да се направи? Кој од европските фактори ви ветува дека такво нешто е можно? – посочи Пендаровски.

Меѓу другото Пендаровски одговори и на прашање за начинот на кој тој ја води кампањата.

– Да се вратиме на мојата кампања од 2014 година, пред точно 10 години бев апсолутно сам во таа кампања. Заев тогаш беше скорашен лидер на СДСМ, го нема на ниеден мој митинг да зборува на говорница. Затоа што тоа е моето поимање, тоа беше на мое инсистирање. Моето поимање на претседателската функција дека вие ќе си имате тим на соработници, ќе има сигурно политички партии кои ќе ве поддржуваат, ама не можете да собирате четворица, петорица кои ќе зборуваат, а особено како последни говорници, а вие ќе бидете еден од говорниците бидејќи утре треба да бидете стварно самостоен, независен во вршење на таа функција. Значи, 2014 го имав апсолутно истиот концепт во кампањата. Во 2019 тогашниот премиер почесто беше присутен на митинзите. Тоа е мојот иницијален концепт кој пред 10 години, така ја разбирам таа функција – порача Пендаровски.

Кандидатот за претседател Пендаровски направи и споредба со дел од противкандидатите и фактот што тие не се појавуваат на сите закажани средби со граѓани.

– Мене не треба други да ме дополнуваат, или да не критикувам никој од противкандидатите, меѓутоа едната од нив, замислете на најава на плакат вели утре доаѓа кандидатот за претседател и доаѓаат други тројца, четворица, вас воопшто ве нема и тие зборуваат за вас. Како ќе бидете утре претседател ако ја добиете довербата? Инаку, ако зборуваме за првиот човек до скоро на владата и на главната партија од коалицијата која ме поддржува СДСМ тој зборуваше на неколку митинзи во Скопје каде што е носител на првата изборна единица – истакна Пендаровски.

Тој порача дека тој ниту ги делел, ниту некогаш ќе ги дели граѓаните по која било основа.

– Или си претседател на сите, не можеш да бидеш претседател, јас сум Македонец, не можам да бидам само на Македонците, не можам да бидам само на оние кои ме гласале, се разбира и на гласачите на ВМРО-ДПМНЕ кои гласале за друг кандидат. Јас во меѓувреме и при номинациите кои ги имам правено во органи или најблискиот круг соработници, органи на кои сум надлежен, имам поставено луѓе од другите, немакедонски националности – порача Пендаровски.

Пендаровски додаде дека за жал, македонското општество е длабоко етнички поларизирано и дека тоа треба да се промени.

– Имаме за жал длабоко етничко поларизирано општество, се разбира ги има и тие тези, многу се присутни. Гледајте, сега друг контра наратив на овој првиот. И затоа јас не го користам ни првиот, ни вториот. Вели ако немој да се приближуваш многу кон немакедонските гласови зошто ќе те сметаат за полтрон, за слуга нивни, ако не се нашите гласови ти не можеш да бидеш избран и тоа има контра ефект врз Македонците. Никогаш не сум ги сметал така гласовите, ниту денес, ниту било кога во животот. Јас сум тој што сум, еве 25, 26 години сум на јавна сцена, пет години сум претседател, секој ден сум транспарентен, знаете што зборувам, што мислам, кај сум грешел, кај сум направил добро, дури мислам и дека нема потреба од некоја посебна кампања затоа што бев претходно пет години на ачик на македонската јавност. Јас сум тој, јас не глумам, јас не сум поинаков Пендаровски Стево. Граѓаните ме познаваат кој сум, мислам дека еден дел од сите етнички заедници, не секоја етничка заедница ќе гласаат за тоа што јас го нудам бидејќи знаат што правев изминативе пет години. Не може никој да ме обвини дека сум бил националист, или дека некого сум понижувал, деградирал само затоа што не е Македонец, или не гласал за мене – порача претседателскиот кандидат.

Поврзани содржини