ТОЈ НОВИНАР Е ИЗМАМНИК ШТО ТРГУВА СО ЃУБРЕ Хегсет негира дека плановите за напад врз Хутите протекле до Голдберг
Министерот за одбрана изгледа како личност која е несериозна и се обидува да го оттргне вниманието од фактот дека учествувал во разговор на некласифицирана апликација за пораки во која веројатно не требало да учествува, изјави главниот уредник на Атлантик, Џефри Голдберг.
Секретарот за одбрана на САД, Пит Хегсет, ги отфрли наводите дека испраќал СМС пораки кои содржеле доверливи воени планови на групен разговор во кој бил вклучен Џефри Голдберг, главен уредник на Атлантик.
Негирањата доаѓаат откако Голдберг објави напис во кој тврди дека ненамерно бил додаден во групен разговор на апликацијата Сигнал, каде што претставници на администрацијата на Трамп разговарале за плановите за воени напади врз Хутите во Јемен.
Њусвик денеска пишува дека ова очигледно нарушување на безбедноста предизвика интензивна двопартиска загриженост и контрола во Вашингтон, при што пратениците од двете партии повикаа на итна истрага.
Инцидентот, според Њусвик, покренува сериозни прашања за оперативната безбедност на највисоките нивоа на апаратот за национална безбедност, што потенцијално ги загрозува чувствителните воени операции.
Имено, според извештајот на Атлантик (The Atlantic), Голдберг бил додаден во групен разговор на апликацијата Сигнал, наречена „Houthi PC Small Group“ во која биле вклучени високи функционери како советникот за национална безбедност Мајк Волц, државниот секретар Марко Рубио, потпретседателот Џеј Ди Венс и Хегсет. Разговорот наводно содржел конкретни оперативни детали за планираните напади врз цели на Хутите во Јемен.
Хегсет ова негирање на написот го направи од Хаваи, каде што е во официјална работна посета во која се вклучени состаноци со цивилни и со воени лидери во Индо-пацифичката команда. Неговата посета вклучува обиколка на американските воени инсталации во Гуам, добивање брифинг за оперативните способности, од каде ќе го продолжи патот за Филипините и Јапонија.
– Зборувате за измамник и многу дискредитиран таканаречен новинар кој направи професија од продавањето измами… Ова е тип што тргува со ѓубре… Никој не праќал СМС пораки со воени планови и тоа е сѐ што имам да кажам – изјави министерот за одбрана.
Советот за национална безбедност (НСЦ) ја потврди автентичноста на синџирот на пораки, наведувајќи дека „се чини дека е автентичен“ и дека „разгледуваат како случајниот број е додаден во групниот разговор“.
Голдберг му одговори на Хегсет за време на интервјуто за МСНБЦ.
– Министерот за одбрана изгледа како личност која е несериозна и се обидува да го оттргне вниманието од фактот дека учествувал во разговор на некласифицирана апликација за пораки во која веројатно не требало да учествува – изјави Голдберг.
Поранешниот директор на ЦИА, Леон Панета, тоа го нарече „многу сериозна грешка“ што може да ги прекрши законите за шпионажа и да ја загрози нивната национална безбедност.
Претседателот Доналд Трамп тврди дека не знае ништо за инцидентот.
– Не знам ништо за тоа. Не сум голем обожавател на Атлантик. За мене тоа е медиум што пропаѓа. Но, не знам ништо за тоа – рече Трамп.