Тој нивен „чист македонски јазик“ мора да е различен од стандардниот македонски јазик

Од 1996 година, секој договор, протокол, анекс, меморандум и кој било друг документ помеѓу официјален Брисел и службено Скопје е потпишуван на македонски јазик и на службените јазици на сите земји членки на ЕУ. Од каде тогаш оваа еуфорија?

2,546

Постои Устав на Република Македонија, Закон за меѓународни договори, а и Виенска конвенција за меѓународно право на меѓународни договори од 1969 година. Македонија, како земја – наследничка на Југославија, е потписник на Конвенцијата.

Покрај тоа, постои Директорат за меѓународно право при МНР, државен протокол при МНР, самото МНР, Влада, Собрание и Уставен суд.






Нормално, постои и воспоставена пракса.

Уште поранешна СФР Југославија потпишувала договори на македонски јазик, како еден од нејзините три службени јазици, а по нашето осамостојување, без исклучок, сите меѓународни договори Македонија ги потпишува на македонски јазик.

Значи, македонскиот јазик се користи, како службен јазик, за потпишување меѓународни договори уште пред јас да бидам роден. A и пред да биде роден актуелниот премиер.

Не само тоа, туку тешко кривично дело е да се потпише меѓународен договор, во име на Македонија, на било кој друг јазик, освен на македонски јазик и на неговото кирилско писмо.

Со Европската Унија, пак, Македонија има договорни односи уште од 1996 година и Спогодбата за соработка помеѓу Европските Заедници и Република Македонија (инаку првиот договор помеѓу СФРЈ и Европските Заедници го преговара и go потпишува тогашниот сојузен министер, предложен од СР Македонија, Стојан Андов, но да не претеруваме со историските лекции).

Оттогаш секој договор, протокол, анекс, меморандум и кој било друг документ помеѓу официјален Брисел и службено Скопје е потпишуван на македонски јазик и на службените јазици на ЕУ (службените јазици на сите земји – членки на ЕУ).

Од каде тогаш оваа еуфорија кај Ковачевски, Маричиќ и Османи?

Мое единствено толкување е дека сега го потпишале договорот на нивниот „чист македонски јазик“, кој што е веројатно различен од стандардниот македонски јазик.

Поврзани содржини