ТОЈ Е ПУТИН, КОЈ ЌЕ ГО ЗАРАЗИ НЕГО Песков за можноста претседателот да биде заразен
Владимир Путин е опкружен со потребниот број специјалисти кои обезбедуваат да не биде во епидемиска опасност, рече Песков.
„Па слушајте, тој е Путин, кој ќе го зарази“.
Вака со новинарите на ТВ Русија 1 се пошегува Дмитриј Песков, портпаролот на Кремљ на прашањето дали постои план ако некој со коронавирус го зарази рускиот претседател, пренесува РИА Новости.
– Владимир Путин е опкружен со потребниот број специјалисти кои обезбедуваат да не биде во епидемиска опасност – рече Песков.
Тој исто така рече дека е убеден оти Светската здравствена организација ќе ја признае руската вакцина Спутник V во следните неколку месеци, пишува Н1.
– Да, нашата вакцина сè уште не е одобрена од СЗО. И можеме долго да шпекулираме што се крие зад тоа – некакви предрасуди кон нас или апсолутно бирократски проблеми. Има тешкотии во пополнувањето на документите поврзани со обезбедување на потребниот сет на информации, бидејќи ние имаме свои барања, а другата страна има свои барања. Потребно е време да се усогласат тие барања – рече Песков, одговарајќи на прашањето за непризнавањето на руската вакцина.
Пред два дена, во интервју за телевизијата RTVI, портпаролот на Кремљ одговори на интересни прашања за тоа дали Путин е запознаен со теоријата за неговите двојници и како реагира на тоа, за можноста за помилување на активистот Алексеј Навални и дали Путин и американскиот претседател Џозеф Бајден се пријатели.
– Претседателот на Русија „секако“ е запознаен со теоријата дека Путин има двојници – вели Песков, додавајќи дека Путин на тоа реагира со насмевка.
За можноста Навални да биде помилуван, тој рече дека постои одредена процедура, вклучително и признавање на вина.
– Постои одреден редослед предвиден со закон: осудениот ја признава вината, зборува за признавање на вината, каква вина и продолжува да го следи тој синџир – рече Песков.
Московскиот суд во февруари го осуди Навални на 3,5 години затвор откако судот пресуди дека тој претходно ја прекршил условната казна, но беше истакнато дека затворската казна ќе му биде намалена за периодот што го помина во домашен притвор. Навални, еден од најистакнатите критичари на Путин, беше уапсен на руската граница на 17 јануари, по враќањето од Германија каде заздравуваше од труење со нервен агенс.
Запрашан дали Путин и Бајден се пријатели, Песков рече дека не се, немале многу можности да комуницираат, но кога имале, нивниот разговор бил полн со почитување.
Според него, тие се сретнале кога Путин бил премиер на различни меѓународни настани, но немало многу можности за комуникација.
Тој додава дека „за жал, во овој случај има сериозна дивергенција во концептуалниот пристап кон многу важни прашања: Путин зборуваше за нашите „црвени линии“, за нашите национални интереси, Бајден зборуваше и за неговата неподготвеност да ги препознае нашите „црвени линии“.