Потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник во Собранието Александар Николоски во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 телевизија, вечерва ексклузивно објави скандал поврзан со безбедносниот систем на Македонија, односно како што рече тој фирма која што е во сопственост на синот на Милорад Додик, а е на црната листа на САД, добила тендер од Министерството за внатрешни работи за набавка на 1500 компјутери, нагласувајќи дека се плаши дека целокупниот безбедносен систем во МВР сега е на тацна на компанија која што е компромитирана.
– Од една страна устата им е полна НАТО, ЕУ, прозападна ориентација, а од друга страна си прават бизнис со луѓе кои што се контра тоа. Јавноста добро знае дека Додик е на црната листа на САД и добро знае дека Алтернативна ТВ која што е во доминантна сопственост на „Поинтерес“ и на „Инфинити“ кои што се директно поврзани со синот на Додик исто така се на црната листа на САД – вели Николоски.
Министерството за внатрешни работи во јануари оваа година додели тендер од милион евра на компанијата Инфините која што е директно поврзана со синот на Милорад Додик и ни помалку ни повеќе за 1500 компјутери што значи дека компанија која што е имплицирана на црната листа сега го снабдува министерството за внатрешни работи со компјутери и на тој начин директно влегува во безбедносниот систем, објасни тој.
Николоски истакна дека оваа компанија откако е на црната листа на САД, има добиено дури три тендери во вредност од милион и 643 илјади евра во министерството за внатрешни работи, вториот е во министерството за финансии и третиот е во МАРнет кој што ја одржува цела интернет мрежа.
– Вкупно оваа компанија има добиено милион и 643 илјади евра од тендери од јавни набавки, а има добиено три тендери откако на црна листа е ставен Милорад Додик, едниот е во министерството за внатрешни работи, вториот е во министерството за финансии и третиот е во МАРнет кој што ја одржува цела интернет мрежа што значи дека директно може да се влезе таму. Значи од една страна зборуваат за прозападни вредности а од друга страна си прават бизнис о го нарушуваат безбедносниот сектор на Македонија со компании кои што се директно поврзани со Милорад Додик – потенцираше тој.
Николоски тврди дека иако фирмата добила на тендер, имало начин да се отстапи од тоа.
– Има начин, прво МВР може да набавува и согласно таканаречениот член 7 тоа се класифицирани набавки каде што може да се прави селекција. Второ доволно е доколку ние ги споделуваме вредностите на НАТО и ЕУ да ставите во тендерот дека набавувачот треба да е компанија која што е од земја членка на НАТО или ЕУ, на тој начин секако не е исклучена Македонија бидејќи е членка на НАТО и го решавате проблемот, и трето Македонија има институции чија што работа е ова да го истражуваат, пред се тука мислам на Агенцијата за разузнавање каде што МВР може да се обрати и да побара мислење за секоја компанија која што учествува во тендер на МВР затоа што се работи за безбедносно чувствителен сектор – изјави Николоски.
Се плашам дека целокупниот безбедносен систем во МВР преку 1500 компјутери сега е на тацна на компанија која што е компромитирана и која што е на црната листа. И тоа е нивната дволичност, заклучи Николоски.