ТМУРНО И ЖАЛНО ИЗГЛЕДА СКОПЈЕ ПРЕД НОВА ГОДИНА Скопјани одат во странство за да почувствуваат празнична атмосфера

Кога пријателите од странство ќе ме прашаат како изгледа „новогодишниот дух“ во Скопје, се срамам да кажам. Да бидеме реални, Скопје не може ни да сонува да биде украсено како Лондон, Виена или некоја друга Европска метропола, но може да биде украсено како што некогаш беше, вели разочараната Марија.

3,177

Социјалните мрежи „вријат“ од изјави на разочарани скопјани, кои упатуваат остри критики кон градските власти и градоначалничката Данела Арсовска поради тумурното и тажно Скопје на само две недели пред дочекот на новата 2004 година.

Скопјани прашуваат зошто во главниот град нема божикни маркети-пазари или настани како што има секаде низ Европа или во поранешна Југославија, што ќе се случува на прославата за новогодишната ноќ, а сакаат да знаат и кога Скопје ќе блесне со новогодишната елка, кога ќе биде украсено, но засега добиваат само молк од страна на градоначалничката Арсовска и од службите на Град Скопје.






Нашите сограѓани дури одат во Солун, Белград, Приштина, Атина или Тирана, но и во некои европски градови за малку да почувствуваат празнична еуфорија, која за жал не може да ја почувствуваат дома.

– Само што се вратив од двонеделно патување по божиќни маркети низ Германија, кои се толку украсени што имаш чувство како да си влегол во зимска бајка или во божиќен филм на „Hallmark“. Сите беа убави и посебни на свој начин, мислиш, се натпреваруваат кој од нив повеќе ќе ги маѓепса посетителите. Магија, која кај нас веќе втора година недостасува, затоа што на чело на градот го имаме никој друг туку „Гринчот“ – лично и персонално. Украсени куќички што продаваат сè и сешто – од храна и вино до рачно изработени украси, целодневна музичка програма, измешан мирис на печени бадеми, колбаси и греено вино, Дедо Мразовци што делат бесплатни чоколади, дури и Дедо Мраз кој „лета“ на својата санка од еден до друг крај на плоштадот и метеж од весели насмеани луѓе кои дошле да ја искусат божиќната магија – ни раскажува Вирџинија Ристеска за своите впечатоци од германските градови.

фото: Вирџинија Ристеска

Таа додава дека ова е сезоната на светла и блесоци, џагор, смеа и мирис на чоколадо и греено вино, прегратки, магија и верување во чуда, а Скопје самотоне во мрак, тишина, смрдеа и загаден воздух.

– Би било вистинско божиќно чудо да го видиме градов повторно украсен, онака како што го паметам кога јас бев дете, со музика, светла, елка на сред плоштад, тезги што продаваат жижици и честитки, ред од деца желни да се сликаат со Дедо Мраз и мирис на надеж дека градов повторно ќе замириса на Божиќ и ќе заблеска како европските градови – вели Ристеска.

Истото ни го вели и скопјанецот Горан С. кој викендов го поминал во Белград, па со нас ги сподели импресиите од предновогодишната атмосфера во главниот град на Србија.

– Со семејството ја посетивме „Зимската бајка“ и можам да кажам дека реално останавме без зборови. Се е убаво украсено, поставени се многубројни штандови, тука е и огромниот камион на „Кока-кола“. Тоа е вистинска божиќна и новогодишна магија на музиката и театарот за сите возрасти. За најмладите се дизајнирани бројни работилници, каде децата можат многу да научат. Има големо лизгалиште за сите на кои им се допаѓа оваа активност, но и за оние кои сакаат да ја научат. Можете да ја напишете вашата новогодишна желба под елката и таа ќе ви се оствари. Програмата е разновидна и има за секого по нешто. Кога е во прашање гастрономската понуда, исто така има многу голем понуда. Многу е жално тоа што мораме да одиме во други градови, бидејќи понудата кај нас во Скопје во моментов е никаква – ни кажа Горан.

Скопјанката Марија Н. на социјалните мрежи пишува дека ѝ е срам да сподели со пријателите од странство како изгледа „новогодишниот дух“ во Скопје

– Скопје од година во година е се подрепресивно. Воопшто не се чувствува празничниот дух. Како секојдневниот стрес и нервози да не ни се доволни па ни се одзема и она малку што би требало да не направи да се чувствуваме повесели. Кога пријателите од странство ќе ме прашаат како изгледа „новогодишниот дух“ во Скопје, се срамам да кажам. Да бидеме реални, Скопје не може ни да сонува да биде украсено како Лондон, Виена или некоја друга европска метропола, но може да биде украсено како што беше некогаш – вели разочараната Марија.

На Фејсбук групата „Стари скопјани“ беше споделена фотографија од Скопје во деновите пред пречекот на 1952 година, за споредба со деновиве кога ја чекаме новата 2024 година.

фото: Општина Крива Паланка

Инаку, жителите на Крива Паланка веќе се во можност да уживаат во претпразничната магија во пресрет на новогодишните празници. Блескава новогодишна атмосфера го осветли градот за нови насмевки, радост и незаборавни моменти за време на највеселите празнични денови што претстојат.

Крива Паланка веќе трета година може да се прогласи за еден од најубаво украсените градови во Македонија, а од вчера новогодишната еуфорија ја почувствуваа и битолчани, а најави има за украсување и на други градови, но и некои од скопските општини.

Од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот потврдуваат дека и оваа година ни се случува реприза на минатата, односно од Град Скопје нема никаква информација околу новогодишната програма и организирањето новогодишен пречек.

– Ние уште пред еден месец упативме писмо до повеќе градови да ја известат Агенцијата за прослава на Новата година, но досега немаме добиено повратна информација за организиран пречек и новогодишна програма. Нашите градови треба да го применат искуството од градовите во регионот, каде уште во октомври имаат јасен концепт и програма за новогодишните празници. Навременото објавување на новогодишната програма им овозможува на голем број тур-оператори да го вградат новогодишниот пречек во нивното портфолио. Тоа ќе овозможи поголем број странски туристи да ја посетат Македонија за време на новогодишните и божиќните празници – вели за весникот Вечер Љупчо Јаневски, директор на АППТ.

Во минатото Скопје уште на почетокот на декември веќе бил украсен, елката на плоштад осветлена, а строгиот центар на градот веќе зрачел со новогодишна атмосфера. Сега нема никакви активности за украсување ниту пак најава кога тоа ќе се случи.

Плусинфо пред две недели пишуваше на оваа тема, но ни тогаш ни сега не добивме одговор од градоначалничката Данела Арсовска, како и од Градот Скопје, кога градот ќе биде украсен и каква е новогодишпната програма.  Скопјани заслужуваат да знаат за кога е планирано украсувањето на главниот град, дали се планира „Винтерленд“, кој ќе ги забавува скопјани за време на новогодишната ноќ, но и натаму „мрак“ од градските власти, исто каква што е моментната состојба во која се наоѓа градот.

ЌЕ Ѝ СВЕТНЕ ЛИ НА ДАНЕЛА ПОРАНО ДА ГО УКРАСИ СКОПЈЕ? Општините ќе китат елки и веќе договараат пејачи

Поврзани содржини