Тиранија на лаги

1,126

Речиси сѐ што говорат највисоките претставници на оваа власт (не само) во врска со македонските евроинтеграции е невистина, или лага, како сакате. Јавноста одамна е заплеткана во нивната тиранија на лаги така што помалку информираниот граѓанин тешко се снаоѓа во тој минхаузенски лавиринт.

Пред само неколку дена (на 27 јули о.г.), во емисијата „Само интервју“ на новинарот Гоце Михајловски што редовно се емитува на телевизијата „Канал 5“, на констатацијата на новинарот дека „имаме мерки, обврски и активности кои ги преземаме со тие протоколи…“, Пендаровски одговара: „Протоколот не е дел од преговарачката рамка“. Јасно и гласно. Без размислување. И без срам. Зошто? Дали и тоа негирање на очебијното е дел од овој лавиринт викан „стратегија“ на државната врхушка за македонските евроинтеграции?






Само три дена подоцна, министерот за надворешни ја филува оваа лага во дополнителна манипулативна тирада од 18 минути, овозможена во централниот дневник на една национална телевизија.

Кому сега му требаат овие лаги? Таквото паушално и крајно неодговорно одрекување – ајде повторно да не речам лажење –  беше можеби делотворно пред една година, кога јавноста не ја знаеше содржината на фамозниот Протокол од вториот состанок на Мешовитата меѓувладина комисија формирана врз основа на член 12 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија, ниту пак содржината на „францускиот предлог“. Но тоа да се тврди и денес, после сѐ што прочитавме и видовме, е нонсенс недостоен на такви високи функции. Па нели веќе во самиот наслов стои дека тој Протокол произлегува од спомнатата Мешовита меѓувладина комисија, а врз основа на Договорот за пријателство со Бугарија? Како тогаш тој Договор е дел од „француската рамка“, ама Протоколот – не е?

Односно, тој Протокол произлегува токму од оној ступиден Договор за пријателство, добрососедство и соработка помеѓу Македонија и Бугарија (2017), а тоа го прави многу, многу релевантен/поврзан со сите документи добиени како таканаречен „француски предлог“ од ЕУ. Тој Договор е `рбетот на Преговарачката рамка, каде веќе во т.4 (стр. 3) дословно стои: „(…) потсетуваме на важноста од постигнување видливи резултати и спроведување на билатерални договори во добра волја, вклучително и Договорот од Преспа со Грција и Договорот за добрососедски односи со Бугарија“.

И понатаму, секаде каде што се говори за добрососедските односи, се спомнува тој Договор. На пример, на стр. 7 алинеа 3 од Преговарачката рамка, тој е вметнат и како единица мерка за напредокот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ. А тајновитиот Протокол е „мозокот“ на овој Договор! Следствено, ако Мешовитата меѓувладина комисија е формирана врз основа на член 12 од тој Договор, а таа го подготвила тој фамозен шизофрен Протокол на нејзиниот втор состанок, како тогаш Протоколот нема врска со Договорот, а уште помалку со Преговарачката рамка?

Зарем македонската политичка врхушка сака да каже дека документите (анекси, протоколи, меморандуми и сл.) произлезени како директен резултат од еден меѓудржавен договор немаат важност како договорот? Дали таквото „познавање“ на нештата на претседателот и министерот нѐ доведе до ова дереџе? Човек дури и би можел да покаже „разбирање“ за некаков (во основа политикантски) обид за денфување на фактите, за ублажување на очигледното или заобиколување на аргументите, но вака отворено и најдрско да се говорат невистини?

Дека тоа не е така односно дека и тој Протокол произлезен од Договорот за добрососедство е апсолутно релевантен за процесот, го потврдуваат и останатите два документа на ЕУ што ја следат т.н. Преговарачка рамка. Па така, документот наречен Предлог-заклучоци на Советот, веќе во т.2 вели дека „На патот на Северна Македонија кон членство во Европската Унија, Советот потсетува на важноста од постигнување видливи резултати и од спроведување на билатералните договори во добра волја, вклучително и Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија“, за да во т.3 отворено посочи дека „Во таа насока, Советот го поздравува договорот за протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија формирана според член 12 од овој договор“ (sic!). И сега – што? Како тоа Протоколот не е составен дел на Преговарачката рамка, ама е составен дел на Предлог-заклучоците на Советот? Ќе објасни ли Пендаровски, а по него и Ковачевски, или Османи, или Маричиќ…?

Понатаму, во документот наречен Заеднички став на ЕУ, во главата Воведна изјава на ЕУ за преговорите за пристапување, во т. 14 стои: „Регионалната соработка и добрососедските односи остануваат суштински елементи на процесот на проширување. Северна Македонија треба да продолжи конструктивно да се ангажира во инклузивната регионална соработка и да ги зајакне односите со соседните земји. Денес, потсетуваме на важноста од постигнување видливи резултати и спроведување на билатералните договори во добра волја, вклучувајќи ги договорот од Преспа со Грција и Договорот за добрососедски односи со Бугарија. Во таа насока, го поздравуваме договорот за протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија формирана согласно член 12 од овој договор. Овој важен чекор ќе придонесе кон добрососедските односи и регионалната соработка кои остануваат суштински елементи од процесот за проширување како и од процесот за стабилизација и асоцијација“!

И сега, уште ли ќе се лажеме? И што добиваме односно добиваат со тоа? Ќе бидат изгласани уставните измени, ама потоа – многу бргу – ЕУ односно бугарската страна ќе го стави на маса овој Протокол и ќе бара негово ефектуирање! Или ние ќе се лажеме сѐ до тој момент, а после – ќе мислиме како понатаму? Или нема да мислиме?

Да не остане недоречено за оние кои сѐ уште немале прилика да го прочитаат спомнуваниот Протокол, тој предвидува: вклучување на резултатите од работата на т.н. Историска комисија „во наставните програми, учебници и релевантни наставни материјали, натписи на споменици, плакети, информативни материјали во музеи и други локации од образовно и културно значење, како и релевантни информации во електронски информативни медиуми во јавна сопственост“; „Владата на Република Северна Македонија да ѝ достави на Република Бугарија копии од сите методолошки упатства, учебници, наставни средства и други релевантни наставни материјали во образовната програма на Република Северна Македонија“; Македонија да се извини „за неправдите и репресиите извршени во минатото, директно или индиректно, од страна на југословенскиот комунистички режим врз граѓаните врз основа на нивното етно-политичко самоопределување, вклучувајќи ги и во однос на Бугарите“, итн., итн. А има уште многу, уште многу!

И конечно, во описот на основната работа на претседателот на државата (малите букви се реален одраз на неговото реноме денес!) и мнр (малите букви се реален одраз и на нивното реноме денес!) е да ги следат исказите на соодветните странски високи функционери во врска со одделни прашања што ја тангираат меѓународната положба на Македонија.

А во таа насока, еве што пред само една година изјави тогашната министерка за надворешни работи на бугарската Влада, Генчовска: „Но, бугарската позиција е загарантирана во целата преговарачка рамка“, вели Генчовска; Протоколот „(…) содржи исклучително амбициозни, краткорочни и долгорочни мерки чија цел е да решат многу од отворените прашања. Она што треба да се напомене е дека ова не е документ сам по себе туку е составен дел од пакетот на т.н. француски предлог. Оттука натаму ќе продолжиме со работа на ниво на експерти со колегите од Република Северна Македонија“.

На прашање како Бугарија ќе гарантира дека Северна Македонија ќе го почитува протоколот, бугарската министерка посочи дека е важно што во него има конкретни рокови и што тој е поврзан со преговарачката рамка. Згора на тоа, шефицата на бугарската дипломатија ни порачала дека отсега зависи само од Северна Македонија кога земјата ќе влезе во ЕУ и колку долго ќе се одолговлекува преговарачкиот процес.

Дали сега нештата се појасни, па и на „претседателот“ и „министерон“?

Извор: Теодосиевски уметност

 

 

Поврзани содржини