ТИРАНА СПРЕМА ТВРД ПОТЕГ ПО ТЕНЗИИТЕ СО ТЕХЕРАН Рама со Резолуција ќе ги прогласи за терористи Хезболах и Гардата

Албанија подготвува нова резолуција со која Иран ќе биде означен како спонзор на тероризмот, а Иранската револуционерна гарда и Хезболах како терористички организации. Потего доаѓа по новите сајбернапади врз албански институции од ирански хакери. Техеран негодува што 3.000 членови на иранска опозициска организација се во камп во близина на Драч.

0

Албанија се подготвува официјално да го прогласи Иран за државен спонзор на тероризмот. Владата во Тирана најавува резолуција со која Иранската револуционерна гарда и движењето Хезболах ќе бидат означени како терористички организации.

Потегот доаѓа по нова ескалација на тензии меѓу Тирана и Техеран. Само неколку дена претходно, албанските институции беа погодени од сериозен сајбернапад врз парламентот, за кој властите и западните безбедносни кругови ја посочија хакерската група „Homeland Justice“, поврзувана со ирански структури. Хакерите објавија дека ја презеле комуникацијата и преписката на пратениците и дека материјалите се во нивни раце.






Новите тензии доаѓаа во време кога САД и Израел војуваат со Иран. Техеран негодува поради присуството на повеќе од 3.000 членови на иранската опозициска организација Муџахедин-е Халк во камп во близина на Драч. Иран со години ја критикува Албанија поради засолништето што им го дала на опозиционерите, обвинувајќи ја Тирана дека дозволува активности против иранската држава.

Албанскиот премиер Еди Рама изјави дека земјата со планираната резолуција за Иран се усогласува со позициите на своите стратешки сојузници.

– Секако, ние не сме пионери во овие чекори, бидејќи имало сојузници кои го правеле тоа и претходно, но време е и ние да го сториме ова – рече Рама.

Координаторот на пратеничката група на владејачката Социјалистичка партија, Таулант Бала, потврди дека веќе е поднесена нацрт-резолуција. Владејачкото мнозинство планира документот да биде усвоен во парламентот, без разлика на политичката припадност на пратениците.

Албанската влада ја повтори, како што рече Рама, заедничката позиција со западните сојузници по прашањето на конфликтот на Блискиот Исток и нападите на САД и Израел врз Иран.

Односите меѓу двете држави се сериозно нарушени уште од 2022 година, кога Албанија ги прекина дипломатските односи со Техеран и ги протера иранските дипломати. Причина беше масовниот сајбернапад врз државните институции и дигиталните системи на владата.

Поврзани содржини