Валентин, Тино Маркулески е едно од петте чеда од велгоштанецот Маркуле – Железничарот.
Велгошти, некогаш село покрај Охрид, денес едно од неговите предградија, го прославија писатели, меѓу нив и Живко Чинго, претежно универзитетски професори, стопанственици…. Децата на Железничарот, од возот на теснолинејката – Ќиро, со нивната угостителско – туристичка препознатливост.
Железничарот изгледа две женски чеда, вистински убавици. Со едната работев во „Отекс“, со сјај во очите како Натали Вуд од нашата младост. И тројца арслани. Александар, најстариот, замина за Црна Гора и во Херцег Нови изгради хотелски комплекс. Средниот – Димитар, Диме Маркуле, плеткаше бизниси, ту овде, ту во Германија. Валентин – сугарето, замина за Германија (некогаш ја викаа Немачка, иако таму беше имачката, а овде – немачката!), таму сви семејно гнездо.
Валентин, на Свети Валентин, во Имачка ја сретна својата љубов, својата животна и бизнис придружничка, симпатичката Калабријка Франка. Медитерански души. Но ете, Франка, реши од југот на Чизмата, да дојде во светиот Охрид. Љубовната и охридската магија си го направијна своето.
Кога Франка и Валентин, Тино „истурија” половина милион марки за едно осредно куќаре, ама од првата линија на охридското шеталиште, кејот, ние се потсмевавме: половина милион марки (!), ги ставаш кај Најденко Попоски (Охридска банка) и нозете пругоре. Додека си жив, каматата ќе те храни обилно.
Но, Франка и Валентин не мислеле така. Можеле и тие „да ги легнат парите” кај Најденка, или кај Соња – ТАТ, на пример, од Битола, па, така – од Имачка да станат Немачка (!), но биле паметни. Камче по камче, чекор по чекор, куќата на „Шепрдана” растеше и се ширеше – од нови темели.
Се ширеше и вишнееше. Таa е денес хотелот „Тино” кој зад себе доби и депанданс.
„Куќата на Шепрдана”, за триесетинаикусур години, се воздигна во угостителско – туристички бренд со сите европски и светски нишани. Кога веќе беше тесна, а туристичката „челад” од светот – бесна по Охрид, Тино и Франка, ја изнајмија првата соседна: долу бар, горе хотелски соби. Кога и тоа беше тесно, пуштија рака и нога до туристичката населба „Свети Стефан”.
Во комшилакот на црквичето и манастирот задужбина на Св.Стефан, Валентин и Франка купија едно од работничките одморалишта од времето на социјализмот. Тие ништо не присвоија, за разлика од некои други, кои во Охрид ги испраа највалканите пари на Балканот, оние на софијанецот Илија Павлов!!!
Животната и бизнис друшка: Валeнтин и Франка, од старото, „дрто” одморалиште го направија, гo избрусија новиот охридски бисер, хотелот „Тино”. На конфигурацијата од карпестиот простор никна убавец, гордост на Охрид. Плени внатрешниот базен – така проектиран (некоја Бугарка, архитект на која не и пречел чистиот македонски јазик!) што имате впечаток дека сте дел од Охридското Езеро, иако е тоа долу на стотина, дветсте метри.
Посебна приказна е и отворениот базен, кој по желба на клиентите станува и морски, односно солен.
Франка и Валентин, по рожбите не го стигнаа Жалезничарот од теснолинејката, но му се доближија со тројцата арслани: најстариот Борис, по деда му – Железничарот, Валентин ( по татко му) и Дејан. Сите се родија и израснаа под стреите на хотелот „Тино” во Охрид. Сите се оженија со невести од мојата славна Дебрца, едната дури и комшивка од моето Црвена Вода. Нема бегање од судбината. Некогаш нивниот дедо – Железничарот, шпарташе со вовчето Ќиро по Дебрца, денес тие – со зетовците и внуците. Тоа е некаква врска, некаква судбина со Железничарот. Ама, што се однесува до внуците, тука им нема рамни. Цела династија. Сите се вработени по хотелите. Синовите, снаите, внуците. Сите помагаат, а половината, заедно со едниот син, го носат името на дедото: Tino Dynasty!
Франка беше и се уште е задолжена за кујната. Шефицата од Калабрија не ја знае само оној што не вкусил морски специјалитети, изработени од нејзините вешти раце и неограничената имагинација. Валентин е задолжен за ресторанот и за барот во Охрид.
Додека не го навјасаа годините – секој ден пеш до Свети Стефан. Најнапред да следи како оди градбата, а, потоа, како напредува надградбата. Стандардите треба да бидат исти, барем како во Имачка, ако не и повеќе.
Дека е тоа така, ми потврдува убавата гостинка од Гетеборг, Шведска, дојдена тука со трите ќерки. Вљубена во Охрид, ги прошетала, ги обидела сите хотели, до трајното уточиште – „Тино” во Свети Стефан.
Еден од синовите, најстариот – Борис, Франка и Валентин, го задолжиле да води сметка за овој хотел. Го бива момчето. Не е трик, ама е добар маркетиншки потег: сите медицински сестри (поврзано со корона пандемијата), тука се одмараат со 20 проценти попуст.
Од доверба му го дале да го води и оној во Трпејца, македонското Сен Тропе. Некогашната рибарска куќа, каде социјалистичкото претпријатие „Охридска пастрмка” ги чуваше мрежите и кајчињата, денес е хотел во кој тешко ќе најдете место. Само ако откаже некој од Холанѓаните. Така е уреден. Сателитот емитува ТВ програми, нетипични за нас. Тоа е веднаш препознатливо, а во езерото можете да скокнете од балконот.
Швеѓанката од Гетеборг, вработена во гигантот „Волво“, не штеди зборови за собата, за базените, за храната, за пицата. Ја потсетувам на рекламата за охридската пица: Италијанците ја измислија, охриѓаните ја усовршија! Се согласува, пицата и е еден од омилените оброци. А кога и кажав дека, всушност, пиците ги прави Италијанка, дури и Калабријка, се и беше јасно.
Сосема е јасно дека ќе дојде и догодина, зашто сака и да шета, најмногу по црквите, да се разладува во бистрото езеро.
Швеѓанката Изабела Ангеливи e родена во Гетеборг. Сосема пристојно говори македонски. Ми ја открива и тајната. Како мала, го засакала македонскиот фолклор, отишла во играорното друштво „Гоце Делчев” во Гетеборг и ете. Ќерките, Олза и Габриела, не знаат, не се осмелуваат да проговорат на чист македонски, но ќе научат. Има време.
Ја задевам: зошто не се запишала во некое друштво на доселеници Бугари?
Ми ја разбира намерата, се смее. Навистина е смешно и несфатливо, вели, една европска земја да се занимава со такви будалаштини!