„ТИКВЕШ“ ПОЈАСНИ ЗОШТО ГО ПРЕКИНА ОТКУПОТ Поединци – лозари го блокираа влезот

„Тиквеш“ нема никогаш да прифати уцени и желби на поединци кои сакаат да манипулираат со трудот на вистинските лозари.

1,002

Откако лозарите го блокираа влезот на винарницата „Тиквеш“ незадоволни од цените и откупот, компанијата соопшти дека била принудена да го прекине откупот поради тоа.

„Ваквиот прекин беше предизвикан од неколкумина поединци кои на крајно некоректен и  насилнички начин го блокираа влезот на винарницата и со тоа им попречија на над 200 вистински лозари кои денеска беше планирано да го предадат своето грозје во „Тиквеш“. За да биде ситуацијата уште поапсурдна, поединците кои насилно и на највулгарен начин го блокираа влезот во винарницата и притоа нанесоа материјална штета, всушност се обиделе да манипулираат со квалитетот на грозјето кое имале намера да го предадат во „Тиквеш“. Имено, грозјето што сакале да го предадат за откуп било со многу понизок квалитет и воопшто не одговарало на мострите кои претходно ги презентирале, со што при стручната проценка на квалитетот ова грозје немало соодветни карактеристики за од истото да се произведе ниту вино ниту дестилат а со тоа не можело да ја постигне цената која тие ја очекувале.






Винарската визба „Тиквеш“, додава дека останува децидна во својата определба дека нема да прави никаков компромис со квалитетот на грозјето што го откупува, затоа што од тоа зависи квалитетот на вината што ги произведува кој секогаш мора да биде врвен.

Како општествено одговорна компанија „Тиквеш“ гарантира дека од својата страна и понатаму ќе продолжи доследно да ги почитува сите преземени договорни обврски кон лозарите, но истовремено го очекува истото и од своите партнери.

Оттаму упатија апел до сите лозари кои, како што се наведува, напорно работеле во текот на целата година да не подлегнуваат на провокации од поединци кои не се вистински лозари, туку работат во исполнување на нечија агенда.

„Тиквеш“ нема никогаш да прифати уцени и желби на поединци кои сакаат да манипулираат со трудот на вистинските лозари. „Тиквеш“ и понатаму ќе работи и ќе продолжи да инсистира за воведување на светски стандарди во лозарството и винарството во Македонија, што значи и воспоставување стандарди и систем кој нема да зависи од политиката, туку исклучиво од пазарните механизми.

Поврзани содржини