Тие боксови не се боксови, тие се светиња
Вчера власта во Контролата на летање делеше „европски тупаници“ од име на т.н. "европска коалиција". Упадот и насилството на бандитите на ДУИ во М-НАВ е државно спонзориран терор, по теркот на тоталитарни режими и идеологии.
„Тие боксови, не се боксови, другари. Тоа не се обични боксови. Тоа е светиња. Сакрамент. Свесни ли сте од колкаво значење се тие боксови за нашиот колектив?“
Вака звучи молкот од Владата по вчерашниот упад на бандата на ДУИ на чело со Беќим Незири во Контролата на летање.
Со сета почит, се послужив со зборовите од една култна сцена, монологот изговорен од големиот Митко Апостолов во „Големата вода“ за исчезнатите гаќички, со цел да го прикажам вистинското значење на боксовите на „Беќко“ за ДУИ, за СДС и за Владата и тоталитарноста која навистина владее со Македонија.
Упадот, насилството, тепањето од ДУИ во М-НАВ, во контролна кула за летање, ги надминува дефинициите за партизирана држава, го надминува терминот партиски заробена држава. Ова е државноспонзориран терор, по теркот на тоталитарни режими и идеилогии.
Додека трае шокот во Македонија, предизвикан од боксовите во М-НАВ, замислувам дека во владата и во партиските штабови на ДУИ и СДС ечат предавања за ликот и делото на „Беќко“ по изменетиот текст опишан погоре.
Вчера власта делеше „европски тупаници“ од име на т.н. „европска коалиција“.
Но, тие боксови не се боксови, тие се светиња за ДУИ и за СДС.
Беким Незири, предводник на тепачите, не е случаен човек, туку познат висок функционер на ДУИ.
Невозможно е тој да влезе на тој начин во М-НАВ без знаење и без поддршка од директорите од ДУИ.
Нималку скриено, напротив – јавно, додека таму стојат новинари, дури се држи и прес-конференција, силеџии на ДУИ влегуваат да тепаат, а вратите им се отвораат. Пишани сведоштва има за тоа од новинари. И до сега никој не е уапсен и нема ниту една оставка.
Класичен државноспонзориран терор!
Високопрофилирана банда членови на ДУИ, коишто врска немаат со институцијата, непречено влегува низ отворени врати у капии, за непречено да тепаат – затоа што има најава за протест и има несогласување на контролорите со одлуките на директорите од ДУИ.
Затоа што „тие се сакрамент“!
Ниту директорите од таа партија, ниту институциите на државата (како МВР), ниту партијата во коалиција на власт, немаат никаква реакција или намера да го запрат ова лудило.
Не постои МВР, нема министер со оставка, нема јавна прозивка – нема ништо, како да е сосема нормален обичен ден?!
МНАВ, контролата за летање, е дел од европскиот систем, а теророт доаѓа откако дури и европски признаени специјализирани институции посочија дека кадрите кои ДУИ-СДС милувале да влезат, биле неспособни за вработување.
И затоа овие „фраериве“ од ДУИ и од СДС се одлучуваат на терор, влетува „Беќко“ да заврши работа, во име на „европската коалиција“.
Ваков напад на институцијата, ако овде нешто воопшто би можело да се спореди со нормална европска држава, би предизвикало итна реакција на специјалните сили поради терористички напад.
Еј, напад во контролна кула на авијацијата!
А реакција нема.
Ама „свесни ли сте од колкаво значење се тие боксови за нашиот колектив“?
И затоа, сето ова што се случува е признание од ДУИ/СДС за постоењето на параполициски партиски структури, пред кои институциите на државата, пред сè МВР со Оливер Спасовски на чело, не смеат да се испречат.
Организираното тепање низ државни институции од партиски парамилитантни структури е вистинското лице на лажните европејци, тоа е вистинското лице на ДУИ и на СДСМ.
Лудилото коешто продолжува денеска е само и само лажна слика предизвикана од јавниот притисок. Ниту е итна бескрупулозна полициско-обвинителска акција против тепачите и нарачателите, ниту очекувам да има разрешница.
Молкот од владата е доказ за одобрувањето на тоа што се случува.
Наместо итни оставки од сиот ракововоден кадар во М-НАВ, од директорите на ДУИ, од управниот и од надзорен одбор, кои молчат за скандалите, наместо неотповиклива оставка од Благој Бочварски доколку има грам морал, наместо потпишана оставка на маса од Оливер Спасовски, секако и од Славица Грковска, од владата и министрите – само срамен молк.
Каде е сега Славјанка Петровска, НАТО министерката? Како ќе „стане“ сега Цаци, да ја види цела НАТО сала, да објасни што се случува во македонската контрола на небото?
Во годината 2024 година, партиски банди насилно преземаат институции во државата „горда членка“ на НАТО!
Ова е целосен морален пад на оваа коалиција, на овие партии, кои изгубија кредибилитет да бидат дел од било каква власт.
На овие не смее да им се даде куќен совет да водат!
Да повториме, вчера власта делеше „европски тупаници“ од име на т.н. „европска коалиција“.
„Тие боксови, не се боксови, другари. Тоа не се обични боксови. Тоа е светиња. Сакрамент. Свесни ли сте од колкаво значење се тие боксови за нашиот колектив?“
Токму вака звучи молкот од Владата.
Никогаш, ама навистина никогаш не било полошо!
И затоа, без двоумење, навистина е важно е да ги поразиме!