Ти што бараш одмазда, ископај два гроба – еден за себе!
Станува кристално јасно дека Јавниот обвинител и Судот немаат правни аргументи, но затоа имаат силни политички мотиви да носат вакви драконски одлуки Јордан Камчев да се држи во притвор. Веќе нема сомневање дека тие дејствуваат под политички диктат, исполнувајќи ја патолошката желба на еден политички моќник за брутална одмазда.
Притворот не смее да биде замена за казна. Во текот на постапката, Судот мора постојано и сериозно да ја преиспитува потребата за продолжување на мерката притвор и кога ќе се создадат услови, притворот да го замени со гаранција, со домашен притвор или со некоја друга соодветна мерка за обезбедување на присуство на осомничениот или на обвинетиот.
Сево ова, се разбира, не е моја измислица. Ова се темелни стандарди на нашиот правен поредок, утврдени со закон. Не треба да се биде „спонзориран“ од притвореникот Јордан Камчев, како што бесрамно лажеше Зоран Заев на телевизија – претпоставувам, под импресија на сопствените односи со новинарите и со медиумите што лично ги спонзорира – за да се знае дека тоа се и европски стандарди.
Во една изјава, на пример, на ова посочи и адвокатот Филип Медарски. Овој адвокат лично го познавам и знам дека тој нема ама баш никаква врска со одбраната на Камчев. Човекот искажа личен и принципиелен став за мерката притвор, повикувајќи се на правните норми и на стандардите што ги поставува Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Патем речено, Медарски често се јавува и во улогата на правен застапник на Заев.
Пред еден месец, Камчев беше притворен на 30 дена, како осомничен во случајот „Плацеви на Водно“. Крунски „доказ“ за неговата божемна намера да избега од Македонија беше една информација од Агенцијата за национална безбедност. „Доказот“ не ѝ беше презентиран на одбраната, со што е направен трагичен прекршок. Во меѓувреме, непобитно е утврдено дека АНБ дејствувала без барање на Јавниот обвинител поврзано со случајот. Дополнително, на членовите на парламентарната комисија што изврши надзор на постапувањето на АНБ во овој случај, им било кажано дека Агенцијата дошла до сознание дека Камчев се подготвува за бегство без спроведени мерки на следење (кои, доколку ги имало, требало да бидат одобрени од Врховниот суд), само врз основа на изјава на доушник.
Замислете, во независна Македонија, земја која се продава за демократска и која претендира на членство во Европската унија, во годината 2021, цели седум децении по дивеењето на сталинизмот и на овие простори, човек се фрла во зандана само врз основа на изјава на доушник. Нема други докази, нема буквално ништо друго, само изјава на доушник!
Не само одбраната на Камчев, туку и повеќе независни правни експерти се посомневаа дека со апсењето, со првата одлука за притвор и со нехуманиот и понижувачки третман на притвореникот во првите десет дена (потврдено од Народниот правобранител), се повредени најмалку четири члена од Европската конвенција за човекови права. Ако ништо друго, барем тие искази беа сериозна причина Судот да ја преиспита својата првична одлука.
Да повторам уште еднаш, за да научат и оние плиткоумните, кои доживуваат оргазмички напади секогаш кога некој ќе биде уапсен и притворен. Притворот не е затвор. Притворот не смее да биде замена за затворската казна. Секој студент по право знае дека притворот се определува само како крајна мерка, кога Судот ќе се увери дека сите други превентивни мерки нема да имаат ефект. При тоа, одлуката за притвор мора да биде детално образложена, а Судот мора да наведе конкретни причини зошто определува притвор и истите да ги поткрепи со релевантни докази.
Ништо од сето ова не беше испочитувано при донесувањето на првата одлука за притвор за Камчев. За жал, ништо не е испочитувано и сега, со одлуката на Судот на осомничениот да му се продолжи притворот за уште 30 дена.
Јас сум еден од оние кои се надеваа дека Судот делумно ќе ја исправи неправдата и овој пат ќе демонстрира барем минимум интегритет. Се излажав. Според „образложението“ на одлуката за нов 30-дневен притвор за Камчев, Судот оценил дека „сè уште постојат околностите од член 165 ст.1 т.1 од ЗКП“. Со други зборови, Судот продолжува да „се вози“ на информацијата на АНБ и цени дека постои опасност осомничениот да се даде во бегство.
Па дури и да постоеле некакви причини при првата одлука за притвор Судот да се посомнева дека Камчев навистина се подготвувал да избега од земјата – а такви причини реално немало! – во текот на овие 30 дена имаше и доволно време и начини да се отстранат таквите опасности и да се создадат услови осомничениот да се брани или од слобода, или барем од домашен притвор, под посебни мерки на надзор.
Но, за да се постапи така, беше потребно Судот да демонстрира волја да се раководи од правните стандарди и сериозно да ги преиспита и својата првична одлука и новите околности. За жал, ништо од сето тоа. Станува кристално јасно дека Јавниот обвинител и Судот немаат правни аргументи, но затоа имаат силни политички мотиви да носат вакви драконски и незаконски одлуки. Веќе нема сомневање дека овие две институции дејствуваат под политички диктат.
Всушност, покоретно би било да се каже дека во случајот на Јордан Камчев, станува збор за судска одлука со која политичкиот врв во Македонија, олицетворен во една личност, брутално го казнува притвореникот Камчев без судска пресуда и жестоко му се одмаздува, изложувајќи го на нови и непотребни страдања. Ова е класична одмазда, оверена со потписите на Јавниот обвинител и на Судот!
И тука престанува потребата да се полемизира со овие две институции, а нема смисла ни разговорот со одмаздникот. Првите ќе ги потсетам дека и тие подлежат на законска одговорност, порано или подоцна. За оној, пак, што си ги полни батериите на мотор, а душата си ја храни со одмазда, ископав една стара мудра изрека, која вели: Ти што бараш одмазда, ископај два гроба – еден за себе!