ТЕЖОК И ТАЖЕН ДЕН ЗА МАКЕДОНИЈА Премиерот Мицкоски изрази длабоко сочувство за загинатите и посака закрепнување на повредените
Премиерот ги повика сите надлежни институции – здравствените служби, полицијата, локалните власти – да преземат итни мерки за помош на повредените и поддршка на погодените семејства.
Со длабока тага ја примив веста за страшната трагедија во Кочани. Ова е тежок и многу тажен ден за Македонија! Загубата на толку многу млади животи е ненадоместлива, а болката на семејствата, на најблиските и пријателите е неизмерна, напиша премиерот Христијан Мицкоски изразувајќи сочувство за трагедијата што се случи ноќеска во Кочани.
„Во овие моменти на длабока тага, нашите мисли се со оние што ги загубија своите сакани. На повредените им посакувам брзо закрепнување, а на семејствата на загинатите – сила да ја издржат оваа незамислива загуба. Народот и Владата ќе направат сè што е во нивна можност барем малку да ја ублажат нивната болка и да им помогнат во овие најтешки мигови“, напиша тој.
Премиерот ги повика сите надлежни институции – здравствените служби, полицијата, локалните власти – да преземат итни мерки за помош на повредените и поддршка на погодените семејства.
„Владата е целосно мобилизирана и ќе направи сè што е потребно за справување со последиците и утврдување на причините за оваа трагедија. Во текот на денот, по согледување на околностите од надлежните институции ќе ѝ се обратам на јавноста со повеќе информации за преземените чекори. Во овие времиња на длабока тага, кога нашите срца се скршени од болка поради оваа ужасна трагедија, повикувам на заедништво, сплотеност, хуманост и одговорност. Бог да биде со семејствата на жртвите и повредените и со народот на Македонија!“, додаде Мицкоски.